Смртта на музичарот ги разгоре старите поделби

247

ЕТИОПИЈА СЕ СООЧУВА СО ПОЛИТИЧКА КРИЗА

Во текот на две ноќи истрелите се слуша низ главниот град на Етиопија Адис Абеба. Автомобилите и бензинските пумпи беа запалени, а продавниците беа ограбени и вандализирани. Најмалку 10 луѓе беа убиени во судири помеѓу демонстрантите и полиција, а многумина беа повредени. Слични судири имаше и во градовите низ Оромија, најголемиот од деветте етнички поделени региони во африканската држава, кој стана и поприште на постојаните изливи на насилство во изминатите неколку години. Барем 166 луѓе ги загубија животите во една од најсмртоносните епизоди во крвавата транзиција на Етиопија од авторитативно владеење, пишува „Економист“.

Искрата која ги распали немирите беше убиството на Хачалу Хундеса, популарниот оромо музичар и активист. Етничката група Оромо која сочинува околу третина од населението, е најголемата, а од неодамна и најбунтовна од етничките групи на Етиопија. Премиерот Абиј Ахмед кој исто така припаѓа на народот Оромо, бргу понуди сочувство. Преку соопштение тој истакна дека цел на убијците не била само да го убијат Хачалу, „туку преку него да ја убијат Етиопија“.

Но неговите зборови не беа доволни за да ги спречат илјадниците млади луѓе од народот Оромо да тргнат на марш низ главниот град. Многумина дојдоа за да изразат гнев и тага, но други ги блокираа патиштата и предизвикаа материјална штета. Дојде до ескалација на насилството поради недоразбирањето околу тоа каде треба да биде погребан музичарот. 

Немирот што беснееше во наредните неколку денови ги потенцираше трите главни проблеми во секојдневието на Етиопија. Првата е недовербата кон државата од народот Оромо. Вториот проблем е практиката на државата за постојана употреба на насилство и репресија како одговор на протест. А третата се етничките поделби.

Засега, преовлада своевидна смиреност. Дуќаните постепено се отвораат, додека војници патролираат низ патиштата кон градот. Интернетот е исклучен.

Полицијата соопшти дека уапсила четворица осомничени за убиството на Хачалу, но не е јасно зошто бил убиен. Премиерот имплицираше дека Египет можеби е вмешан поради тензиите помеѓу двете држави поврзани со етиопската брана на Синиот Нил. Од друга страна опозицијата Оромо ги обвинува панетиопските националисти.

Внатрешната политика стана распарчена и насилна уште откако оромо-сепаратистите продолжија со нивниот отпор кон владата, кон крајот на 2018 година. Но, убиството на музичарот ќе послужи како повик за обединување на опозицијата, која веднаш го претстави како напад врз народот Оромо.

Многумина Етиопијци ја почнаа годинава оптимистички со надеж дека преку изборите закажани за август, државата ќе направи значителен чекор кон демократијата. Но со одложувањето на гласањето поради пандемијата, многумина се загрижени дека транзицијата е доведена во ризик.