Смртноста од Алцхајмерова болест во подем поради опасниот вирус

34

Поради пандемијата на коронавирусот, починаа најмалку 15.000 Американци од Алцхајмерова болест и деменција во изминатите неколку месеци за разлика од претходно, истакнуваат американските здравствени власти. Медицинските експерти велат дека коронавирусот може да влијае врз смртноста од Алцхајмерова болести и други дегенеративни нарушувања на мозокот, кои се чести кај постарите лица во установите за згрижување.

Според американскиот Центар за контрола и спречување на болести (ЦДЦ), околу 100.000 лица починале како резултат на Алцхајмерова болест и деменција од февруари до мај. Иако не сите смртни случаи се должат на ковид-19, стапката на смртност е 18 отсто повисока од просечната за овие заболувања во изминативе години. Медицинските експерти порачаа дека лицата со напредна форма на Алцхајмерова болест и деменција веќе имаат нарушено здравје и зависат од дневните рутини.

– Ако се случи еден пропуст, тогаш се нарушува целиот циклус. Еден ден без течности и веднаш се јавува дехидратација, која влијае на многу други нешта во организмот. Неверојатно е колку малку е потребно за се наруши нивното функционирање – посочи Никол Фаулер за „Вол стрит џурнал“, која е заменик-директорка на Центарот за истражување на староста при Универзитетот во Индијана. Инаку над пет милиони Американци веќе се борат со Алцхајмеровата болест, според ЦДЦ. До 2050 година, се очекува оваа бројка тројно да се зголеми до 14 милиони заболени.