Смртната казна за „убијците“ на Кашоги нема да го обели образот на Саудиска Арабија

160

Гардијан

Автор: Сајмон Тисдал

Сомнителните пресуди за лицата обвинети за убиството на новинарот нема да го подобрат угледот на кралството

Ако престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, сметаше дека со изрекувањето на смртната казна за петте несреќни марионети за убиството на дисидентскиот новинар Џамал Кашоги ќе се стави крај на скандалот, тогаш е во голема заблуда.

Бруталното убиство што се случи лани во октомври, во саудискиот конзулат во Истанбул, му нанесе голем срам на кралството, трајно го извалка угледот во светот, како и личниот углед на принцот Мохамед.

Нешто е труло во кралството, а миризбата нема да исчезне, ниту ќе се заборави со апсурдното судење кое воопшто не личи на соодветно спроведен правен процес. Ваквото ужасно злосторство ќе остави голема и трајна дамка врз совеста на династијата Сауд.

Невештото постапување на кривичниот суд во Ријад, кој вчера донесе осум пресуди за виновниците, уште од самиот почеток немаше кредибилитет. Судењето се одржа во голема тајност што ја наруши довербата и ги поттикна сомнежите дека обвинетите се само марионети кои треба да ја преземат вината за некој друг.

Ваквите сомнежи дополнително ќе се зголемат затоа што поранешниот висок советник на принцот Мохамед, Сауд ал Катани, беше ослободен од обвинението. Саудискиот заменик јавен обвинител Шалан бин Раџеш Шалан, претходно изјави дека Катани бил вклучен во разговорите за Кашоги со тимот на агенти кои биле испратени во Истанбул.
Јавниот обвинител изјави дека Катани исто така дејствувал во соработка со саудискиот заменик-шеф на разузнавањето Ахмед ал Асири, кој наредил присилно од Турција да се врати во татковината. Според импликациите, членови на киднаперскиот тим ја промениле страната и го убиле Кашоги без дозвола од повисок орган.

Катани и Асири беа прераспределени на други работни места. Асири беше изнесен на суд, но вчера Шалан изјави дека и тој бил ослободен поради недостиг на докази. Исто како принцот Мохамед, двајцата негираа секаква лична одговорност за убиството на Кашоги. Во телевизиското интервју за „Си-би-ес“ во септември, принцот Мохамед изјави дека „се работи за грозоморно злосторство, но дека презема целосна одговорност како лидер на Саудиска Арабија, особено откако било сторено од страна на поединци од саудиската влада“. На прашањето дали го нарачал убиството, принцот Мохамед целосно негираше.

На истакнатите саудиски кралски членови што сакаат да си ја спасат кожата, сето ова им оди во прилог. Режимот ќе тврди дека правдата била задоволена, а виновниците идентификувани и осудени. Изречените смртни казни, кои сами по себе се варварски чин, се прелиминарни. За нив може да се поднесе жалба, да се бара олеснување или дури и да се отфрлат во иднина, кога случајот повеќе нема да биде во центарот на вниманието на светот.

Но не може сè да се избрише. Извештајот објавен во јуни од страна на специјалниот известувач на ООН, чија независност и непристрасност, за разлика од ријадскиот суд, не подлежи на сомнежи, откри „веродостојни докази“ за одговорност за убиството меѓу високи саудиски владини претставници, па дури и за самиот престолонаследник.
Смртта на Кашоги беше егзекуција без законска одлука, а истрагата што ја спроведоа Саудиска Арабија и Турција не ги исполни меѓународните стандарди, како што потврди известувачката Агнес Каламар. Таа дури и претпоставува дека саудиските власти можеби сè уште ја попречуваат правдата и бараат суспензија на судењето. Ријад ги отфрли откритијата и препораките на ООН.

Но Каламар не е единствената која се сомнева. ЦИА дури отиде подалеку, која имено нема никаква причина за да го посрамоти важниот американски сојузник и трговски партнер на САД од Блискиот Исток. Американски претставници изразија голема доверба во минатогодишните откритија на ЦИА, според кои принцот Мохамед лично го наредил убиството, тврдење кое беше поддржано од повеќе извори. Агенцијата наводно ја посочи вмешаноста на Халид бин Салман, братот на принцот Мохамед, кој е заменик-министер за одбрана. Според нивните извори, тој „му се јавил на Кашоги, побарал од него да се упати во саудискиот конзулат во Истанбул и му гарантирал дека никој нема да му наштети“. „Вашингтон пост“ пренесе дека не било јасно дали Халид знаел оти Кашоги ќе биде убиен, но му се јавил на телефон по наредба на брат му.

Едно од неколкуте лица кое верува во официјалната саудиска верзија на настаните е Доналд Трамп. Дури иако лично не верува во истата, тој јасно покажа дека нема да дозволи скандалот со Кашоги да ги наруши блиските односи на Вашингтон со Саудијците, кои силно зависат од продажбата на оружје и нафта, заедничките деловни интереси и нетрпеливоста кон Иран. Како и во повеќе наврати со Русија, Трамп веднаш ја демантираше својата разузнавачка заедница.

Но ако принцот Мохамед верува дека еден корумпиран полтрон во Белата куќа може да му го врати угледот, тогаш тој повторно е во заблуда. Поради убиството тој го навлече гневот и на американскиот Конгрес, додека во случајот на Велика Британија и на Европа многумина и натаму го поддржуваат прекинот на продажбата на оружје и можните идни санкции по ерата на Трамп. На површина испливаа многу систематски злоупотреби на човековите права од страна на саудискиот режим и доцна се забележа убиствената воена кампања на Ријад во Јемен.

Убиството на Кашоги ги поттикна западните демократии да се преиспитаат уште колку долго ќе ѝ прогледуваат низ прсти на Саудиска Арабија со своите атрактивни кралски автократи, големиот демократски дефицит и генерално нереформираниот, средновековен став кон жените дека е една нормална држава. Правдата не е задоволена. Не беше одмазден Џамал Кашоги, кој беше виновен затоа што зборувал слободно и храбро против оние кои ја угнетуваат и искористуваат неговата татковина.
Вистинските убијци на Кашоги уште чекаат да бидат разоткриени и да бидат казнети. Каква приказна и да пропагира режимот, семето на сомнежот веќе е посеано. Принцот Мохамед и оние од неговата крв би можеле да имаат лоша жетва.

Превод: Билјана Здравковска