Сметководителот и сопругите на картелот ги откриваат тајните на Ел Чапо

349
Хезус Замбада е познат како сметководителот на наркокартелот Синалоа

Деталите за сложената операција за трговија со дрога која ја предводеше Хоакин Гузман – Ел Чапо, вчера беа изложени во судскиот процес во Њујорк, кога сметководителот на картелот Синалоа, Хезус Замбада Гарсија познат како „кралот“, сведочеше против неговиот поранешен шеф, пренесува „Гардијан“.

Хезус Замбада е дел од „сведоците-кодоши“ на обвинителството. Тој беше уапсен во 2008 година поради трговија со дрога и се изјасни за виновен. Хезус е брат на Исмаел Замбада, кој сега се смета за водач на картелот Синалоа.

Во своето сведочење, сметководителот ја опишал хиерархијата во картелот, изведувањето на операциите со помош на локалните власти, како и практиката за заедничко инвестирање на водачите на организацијата за трговија со дрога, во пратки колумбиски кокаин од по 30 илјади килограми.

Замбада посочил дека картелот Синалоа заработувал по 195 милиони долари за 15 илјади килограми кокаин продадени во Лос Анџелес. Цената на еден килограм во продажба изнесувала 20 илјади долари, а трошоците за транспорт седум илјади долари, со што останувала заработка од 13 илјади долари. Во Чикаго, пак, бил остваруван профит од 16 илјади долари по килограм кокаин.

Скица од сведочењето на Замбада во судот во Њујорк

Сопругите на браќата близнаци Маргарито и Педро Флорес, кои се заслужни за апсењето на еден од најозлогласените светски наркобосови Хоакин Гузман – Ел Чапо, открија како браќата ги криеле парите на нивниот поранешен шеф, во книгата „Сопругите на картелот“, пренесува „Бизнис инсајдер“.

– Нашите сопрузи внесоа две милијарди долари во Мексико во периодот од 2005 до 2008 година. И ние можевме да видиме куќи полни со пари. Тие имаа подвижни ѕидови исполнети со милиони долари, како во филмовите. Картелот имаше работници кои ги броеја парите во осумчасовни смени. Во секое време имавме по еден до два милиони долари за нашите трошоци. Имавме се што ќе посакаме – се наведува во книгата што ја напишале Миа и Оливија Флорес. 

Маргарито и Педро, сепак, одлучиле да се откажат од луксузот, односно да соработуваат со американските власти во апсењето на водачот на мексиканскиот картел Синалоа и на неговите најблиски соработници, во замена за поблаги затворски казни. Тие беа осудени на по 14 години во затвор во 2015 година. Браќата допрва треба да сведочат против Ел Чапо, на неговото судење во Њујорк.

Книгата „Сопруги на картелот“ го открива начинот на криење на парите од продажбата на дрога