Скандал со расипано полско месо ја тресе ЕУ

363
Полскиот новинар Шчепанек ја шокира европската јавност со својата репортажа за нелегалната индустрија со месо

Полскиот истражувачки новинар Патрик Шчепанек го разоткри нелегалното работење на месната индустрија и предизвика лавина реакции низ цела Европа. Неговата репортажа содржи шокантни сведочења и видеоснимки за крави што буквално ги влечат за колење, бидејќи толку се болни што не можат да стојат. Таквото месо потоа било продавано како здраво, без никакви ветеринарни проверки, најмалку во 15 членки на ЕУ

Европската комисија потврди дека Грција и Чешка се најнови земји во кои е пронајдено увезено расипано месо од полска касапница. Со тоа бројот на земји-членки на ЕУ во кои е увезено расипаното месо се искачи на 15, а европските инспектори работат заедно со своите полски колеги откако изби скандалот со говедското месо. Скандалот со расипаното месо од Полска беше обелоденет од полскиот истражувачки новинар Патрик Шчепанек. Шчепанек го разоткри нелегалното работење на месната индустрија и предизвика лавина реакции низ цела Европа. Неговата репортажа содржи шокантни сведочења и видеоснимки за крави што буквално ги влечат за колење, бидејќи толку се болни што не можат да стојат. Таквото месо потоа било продавано како здраво, без никакви ветеринарни проверки.

Покрај Грција и Чешка, досега е потврдено дека расипаното месо од Полска е извезено и во Германија, Шпанија, Естонија, Финска, Унгарија, Литванија, Летонија, Португалија, Романија, Шведска и Словачка. ЕК не прецизира колкаво количество од ова месо извезено во ЕУ се нашло кај потрошувачите. Франција соопшти дека од 2,7 тони извезено месо, продадени се 795 килограми во земјата, 650 килограми се пронајдени, од кои 500 килограми се уништени. Според француските власти, преостанатите 145 килограми се идентификувани, но не е извесно дали дел од тоа месо сѐ уште се наоѓа на пазарот.

Полскиот новинар Шчепанек ја шокира европската јавност со својата репортажа за нелегалната индустрија со месо. Тој три недели работел во кланица во Калинов, во источниот дел на Полска. Првите две недели работел во дневна смена, а потоа, како што наведува „Јутарњи лист“, откако ја добил довербата, работел и во ноќната смена, кога се случувале сите незаконски работи. Шчепанек во интервју за „Јутарњи лист“ објаснува како цела година се подготвувал за тајната задача, гледал видеоснимки и читал книги, но оти ништо не можело да го подготви за тоа што го доживеал таму.

– Првата работна ноќ ја почнав во пет попладне и ја завршив во седум наутро. Тоа беше многу напорна ноќ. Најшокантно би беше кога ја видов првата крава што ја извлекоа од камионот за колење, која немаше глава. Тоа ме остави без зборови. Во тој момент заборавив дека сум новинар и дека сум таму за да поставувам прашања и да дознаам што е можно повеќе за целата постапка. Бев толку вџашен, што го направив тоа што ми рекоа да го направам, а ми рекоа да се погрижам за трупот – наведува новинарот, кој е дел од тимот на полскиот истражувачки магазин „Супервизер“.

Шчепанек тогаш сфатил дека се случуваат чудни работи и оти станува збор за многу поголем скандал. Само во текот на првата ноќ, тој успеал да изброи дваесетина болни крави, кои едвај стоеле на нозе. Во ноќната смена работеле само најлојалните работници, а новинарот успеал да ја добие довербата и да стане еден од нив. Набргу претпоставениот му доделил задача „од доверба“.

– Шефот ми нареди да ставам ветеринарски печат дека месото е во ред. Тоа беше месо што никој не го прегледал и го правев тоа без присутност на ветеринар. Јас морав да ја работам ветеринарската работа – истакнува Шчепанек.

Тој се обидел од колегите да дознае зошто некои крави се убиваат само прекуноќ, но секогаш добивал одговор: „Не прашувај ништо “.

– Ми рекоа дека е подобро за мене да не прашувам ништо. Кога и да ги прашав другите за оваа постапка, како се чувствуваат поради тоа, тие само ми велеа да не поставувам прашања, дека така е побезбедно и поздраво – наведува новинарот.

Откако Шчепанек ја објави репортажата, повеќе европски медиуми, но и влади, се кренаа на нозе. Полска секоја година произведува 560.000 тони говедско месо, од кои извезува помеѓу 80 и 85 отсто. Набргу се огласи и Павел Немчук, директорот на полската ветеринарна служба. Немчук призна дека Полска извезела дури 2,7 тони сомнително говедско месо во повеќе членки на ЕУ.

– Кланицата во која јас работев имаше многу сигурен доставувач од северот на Полска. Таму ги продаваа најлошите делови на месото, како и оние што се болни и заразени, кои потоа се преработуваа и продаваа како колбаси и ќебапи – истакнува Шчепанек.

Според него, во овој случај потфрлила ветеринарната служба, но и државата, која не се грижи доволно за фармерите. Новинарот додава дека по објавувањето на репортажата не добил никакви закани, но се случила ситуација што посебно го изненадила.

– Ми беше многу шокантно тоа што европските медиуми беа многу позаинтересирани за целиот скандал отколку што беа државните медиуми во Полска, кои воопшто не известија за овој настан. Интересно е тоа што министерот за земјоделство Јан Криштов Ардановски во интервју за полското радио истакна дека не е сигурен во мотивацијата на новинарот што ја разоткри целата процедура – наведува Шчепанек.

Некои го обвинуваат дека со неговите постапки и објавувањето видеоснимки од кланицата ја загрозил полската месна индустрија, која на државата ѝ носи милиони евра, но новинарот истакнува дека сакал само да ги заштити правата на животните и луѓето и да ги натера властите на подобра контрола и инспекции, како и спроведување на механизмот што треба да се грижи за човековото здравје.


АХВ: Во Македонија не е увезено расипано месо

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (AХВ) тврдат дека на македонскиот пазар нема од полското месо од болни крави. Во Македонија има увоз од Полска, но месото што е од таму е безбедно за употреба. Ланското количество што влегло во земјава е двојно помало за разлика од 2017 година, кога од оваа земја увозот изнесувал 3.091.606 килограми. Во 2016 година, од Полска биле увезени 2.291.600 килограми.
– Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат редовни контроли на домашниот пазар со месо, производи и подготовки со месо и на увозот на овој тип производи во земјава. Месото што се продава на македонскиот пазар е безбедно. Увозот се врши исклучиво од одобрени земји за увоз, од одобрени објекти и задолжително со ветеринарно здравствен сертификат што ја следи пратката, со кој се гарантира безбедноста. При увоз се врши задолжителна контрола на секоја пратка. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се врши и физички преглед на пратките. Контроли се вршат и при истоварот на увезените пратки – се наведува во соопштението на АХВ.