Сирија го затвори воздушниот простор над Идлиб и се закани со соборување на авиони

182

Сириската војска го прогласи воздушниот простор над северозападниот дел на земјата за затворен за авиони и беспилотни летала, предупредувајќи дека ќе го сруши секое летало што ќе ја прекрши забраната за летање, јавија денеска државните медиуми.

– Секој авион што ќе ја прекине забраната за летање во нашиот воздушен простор ќе се смета за непријателски и ќе биде соборен – изјави воен извор за агенцијата „Сана“.

Одлуката на сириската војска доаѓа откако турската агенција „Анадолија“ претходно објави дека еден авион на сириската влада бил соборен во северозападниот дел на провинцијата Идлиб, што беше демантирано од страна на сириските државни медиуми.

Во меѓувреме, пак, државните медиуми објавија дека сириските сили собориле турски дрон.

Воздушните напади на сириската влада се дел од офанзивата насочена кон заземање на Идлиб, една од последните преостанати територии кои во Сирија се под контрола на бунтовниците со поддршка од Турција.