Сирискиот гамбит на Трамп ќе ја отвори џихадистичката пандорина кутија?

148

Критичното глобално безбедносно прашање останува неодговорено, еден месец откако американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека САД ќе се повлечат од Сирија. Каква ќе биде судбината на стотиците борци на Исламска држава (ИД) и на нивните семејства, вклучувајќи ги Европејците и Американците кои се затворени од Курдите во тамошните импровизирани затвори, пишува Блумберг.

Курдските власти проценуваат оти има 950 затвореници од четириесеттина различни националности во нивните затвори и во другите институции за притвор низ северна Сирија, наведувајќи дека бројот на заробени членови на семејствата на ИД би можел да надминува четири илјади. Но, се поставува прашањето што ќе се случи со овие затвореници и дали ќе се изведе нивна репатријација, односно враќање во земјите од кои потекнуваат.

– Едно е сигурно. Никој не сака да ги врати назад – категоричен е Илхам Ахмед, кој е припадник на курските сили.

Токму затворените џихадисти претставуваат една од пречките за реализација на намерата на Трамп за повлекување од Сирија. Постои загриженост дека Курдите не би можеле, или не би сакале, да ги држат заробениците од ИД по американското повлекување. Таквата ситуација би претставувала ризик дека радикалните исламисти би се вратиле во земјите од кои потекнуваат или би продолжиле да се борат во Сирија.

Според неофицијални информации, САД би претпочитале заробениците да бидат вратени во сопствените земји, но повеќето странски влади се противат на ваквата идеја. Француските медиуми објавија дека 130 француски државјани би можеле да бидат вратени од Сирија. Русија неодамна продолжи со реализација на програмата за репатријација на децата на ИД, чии мајки се во затвор.

Постои и идеја за основање на меѓународен суд за водење на процесите против борците на ИД, пред нивното враќање во матичните држави. Друга опција претставува нивно затворање во странство, а не во земјите од кои потекнуваат.

Минатата година Ирак ги повика странските држави да ги примат децата на нивните државјани, борци на ИД, кои беа во тамошните затвори. Најмалку 833 деца од 14 различни националности тогаш беа во ирачките затвори, според податоците на Командата на здружените операции која ја води борбата против ИД.