Синовите им простија на убијците на Кашоги, свршеницата против прошка

148

Синот на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој беше убиен во саудискиот конзулат во Турција во 2018 година, изјави дека тој и неговите браќа им простиле на убијците на нивниот татко, но неговата свршеница во својата реакција објави дека никој нема право на такво простување.

– Ние, синови на маченикот Џамал Кашоги, најавуваме дека во името на Бога им простивме на оние што го убија нашиот татко. Длабоко се надеваме дека Семоќниот Бог ќе нè награди за ова – напиша Салах Кашоги на Твитер.

Салах живее во Саудиска Арабија, која дел од меѓународната заедница ја обвинува дека стои зад убиството на Кашоги, кој критички пишуваше за Ријад.

Турските и американските власти тврдат дека убиството било спонзорирано од саудискиот принц Мохамед бин Салман.

Ријад првично го негираше убиството, а потоа тврдеше дека е извршено од саудиските агенти кои дејствувале сами.

Саудиските власти објавија дека пет лица се осудени на смрт за убиството на новинарот, по едногодишно судење кое било критикувано заради неговата тајност. Покрај петте смртни казни, тројцата осомничени добија и 24 години затвор за „прикривање на кривични дела“, изјавија во тоа време саудиските обвинители.

Агенцијата „Франс прес“ пишува дека простувањето на синовите на новинарот им овозможува на обвинетите да ја избегнат смртната казна.

Турската свршеница на убиениот Кашоги напиша, реагирајќи на тоа на Твитер,дека никој нема право да им простува на неговите убијци“, пишува француската агенција.

– Ние нема да застанеме сè додека не се задоволи правдата за Џамал – напиша Хатиџе Ченгиз на Твитер.