Силна реакција на јавноста во Русија по апсењето на новинарот Голунов

340

На прв поглед, апсењето на истражувачкиот новинар Иван Голунов во Русија изгледаше како најнов обид за замолчување на слободното новинарство во оваа земја, сметаат од Си-ен-ен. Репортерот минатата недела беше приведен поради, како што пренесоа многу медиуми во земјата, лажни докази за поседување на големи количества на дрога.

Одговорот на јавноста по неговот апсење, се чини, го изненади Кремљ и целото руско општество. Првенствено, приведувањето на Голунов предизвика силна новинарска солидарност. Минатиот викенд, многу руски репортери организираа индивидуални протести, а се собраа и пред Министерството за внатрешни работи во Москва, прикажувајќи транспаренти со поддршка за новинарот.

Според Си-ен-ен, руските медиумски организации, без разлика дали независни или поблиски до Кремљ, му искажаа поддршка на Голунов. Во понеделникот, насловните страни на трите најголеми бизнис-весници во земјата беа исти и на нив беше испишано „Јас/ние сме Иван Голунов. Фразата потсети на „И јас сум Шарли“ („Je suis Charlie“), слоган кој стана актуелен во јавноста по нападите на канцелариите на сатиричниот неделник „Шарли Ебдо“ во Франција.

За американските медиуми, поеднакво изненадувачка беше поддршката за новинарот и од познатите личности, артисти и музичари. Голем дел од нив на социјалните мрежи објавуваа фотографии и видеа со пораки и повици за ослободување на Голунов, сметајќи дека ова е голем тест за владеењето на правото во Русија.

Новинарот Иван Голунов е познат по неговите новинарски истраги за големи криминални скандали и корпуција во Москва. Тој истражувал како членови на семејствно на заменикот-градоначалник на Москва купиле девет елитни мулти-милионски куќи во еден ден, како и многу други скандали поврзани со вршители на јавни функции во главниот град на Русија.

Новинарот беше уапсен во четвртокот и обвинет за обид за продажба на дрога во големи количини. Полицијата иницијално објави фотографии од неговиот стан на кои има еден вид на лабораторија за призводство на накротични средства, но потоа тие го променија ставот и рекоа дека фотогорафиите не се од неговиот дом.

Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков изјави дека се свесни за корекциите кои подоцна направени поради фотогорафиите, а потоа посочи и дека постојат неколку нејасни работи околку случајот кои треба во следниот период да се разјаснат.

Доколку го осудат, Голунов би можел да заврши зад решетки во период од 10 до 20 години. Во меѓувреме, неговиот медиум „Медуза“, но и други медиуми отворија прашања за неговиот третман додека е во притвор, завршуваат од Си-ен-ен.