Силната позиција на Мадуро го намалува интересот на Трамп за Венецуела

116

Минатата зима, падот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро беше сигурност за американскиот претседател Доналд Трамп. За него, тоа ќе беше брза дипломатска победа во време кога другите меѓународни инцијативи во Азија и на Блискиот Исток изгледаа заглавени или се движеа во друга насока, анализира „Вашингтон пост“.

Потоа дојде пролетта, кога Хуан Гваидо, лидерот на опозицијата во Венцуела кој Трамп го призна како легитимен претседател, ја повика венецуелската армија на бунт и менување на страната во конфликтот. Но, додека Белата куќа добиваше гаранции дека безбедносните сили и владата ќе ја смени страната и ќе оди против Мадуро, никој од претходно споменатите субјекти не одговори на повикот на Гваидо.

Веќе исфрустрираниот Трамп веруваше дека неговиот советник за безбедност Џон Болтон и неговиот директор за политика во Јужна Америка, Маурицио Клавер-Карон, биле „изиграни“ и од официјалните лица на опозицијата, и оние од власта. Веднаш потоа, според информациите кои се појавија во некои американски медиуми, Трамп по неуспехот на 30 април, откако ги „искарал“ своите вработени задолжени за Венецуела, кажал дека најверојатно тој мора да го крене телефонот за да се помрдне ситуацијата во земјата.

Летото доаѓа, а Мадуро сè уште е претседател, со скоро никакви индикации дека ќе си замине или дека администрацијата на Трамп има конкретна стратегија за негово уривање. Претседателот, според официјални лица, го губи и трпението и интересот за Венецуела.

Во момент кога власта во Венецуела тешко може да ја одржи контролата, со санкциите кои го ограничуваат приходот од нафтата, некои експерти сметаат дека, тоа што ги истошти голем дел од противниците на Мадуро ќе му се случи и на режимот. Во теорија, тоа би охрабрило и преговори околку изборите во кои тој не би учествувал, иако тоа не значи негово брзо заминување, она за што САД силно се залагаше.

Од почетокот на мај до денес, Трамп во јавноста ретко зборуваше за Венецуела или за неговите ветувања за искористување на воена сила, ако тоа е единствената можност за САД да ги оствари целите во земјата.

Додека Трамп изгледа дека го загуби интересот, советникот за безбедност Болтон на Твитер највеќе пишува за Венецуела во однос на било кое друго прашање од надворешната политика.

– САД ќе продолжи цврсто да го поддржува крајот на репресијата на Мадуро – напиша тој на Твитер во вторникот.

На почетокот на претседателската кампања за изборите во Америка во 2020 година, на митингот во Мајами, не им се обрати Трамп, туку заменик-претседателот Мајк Пенс на Венецуелците во САД. Тој им порача да го поздрават распоредувањето на американскиот воен брод „Комфорт“ во Латинска Америка, кој се очекува да им биде од голема помош на венецуелските бегалци во регионот.

Пенс заобиколи околку прашањата за интервенција на американската армија во Венецуела, велејќи дека целта на администрацијата била да „ја врати демократијата и владеењето на правото во Венецуела, за Венецуелците да можат да се вратат дома во слободна земја“, завршуваат од „Вашингтон пост“.