Силите на Хафтар се пофалија со соборување на противнички авион

77

Силите на Либиската национална армија (ЛНА) предводени од генералот Калифа Хафтар собориле борбен авион на вооружени групи кој се обидел да ја нападне воената база „Ал Џуфра“, објави портпаролот на ЛНА, Ахмед Ал-Мисмари, а пренесе „Спутник“.

Авионот бил соборен од противвоздушната одбрана на „Ал Џуфра“, а во моментов трае потрагата по остатоците и пилотот. 

Одметнатиот генерал Калифа Хафтар нареди офанзива за преземање на контролата врз Триполи од силите владата на Национален договор (ГНА) на почетокот на април, што предизвика мобилизација на силите лојалисти на ГНА кои почнаа воена операција против неговата армија. 

Ситуацијата во Либија ескалираше во 2011 година, кога долгогодишниот лидер на земјата Моамер Гадафи беше соборен од власт и убиен од страна на бунтовниците поддржани од НАТО. Нестабилната власт поттикна појавување на голема бројка на конкурентски милиции, криминални банди и терористички групи.