Се продлабочува политичката криза на Малта поради убиството на новинарката Галиција

66

Кит Шембри, шефот на кабинетот на премиерот на Малта, Јозеф Мускат, поднесе оставка поради наводна вмешаност во заговорот за убиството на познатата антикорупциска новинарка Дафне Галиција во 2017 година. Оставката на Шембри се смета за ескалација на политичката криза во земјата, што настана по ликвидацијата на Галиција, која истражуваше случаи на корупција во највисоките кругови на власта на Малта.

„Гардијан“ пренесува дека Шембри бил однесен во седиштето на полицијата за испитување поврзано со случајот на убиената новинарка. Неговата оставка следува по медиумските извештаи од понеделникот, според кои бизнисменот Јорген Фенеч, кој минатата недела беше уапсен, се подготвувал да го обвини Шембри.

Опозициските политичари бараа оставка на Шембри уште од периодот кога Галиција објави статии според кои тој и актуелниот министер за туризам Конрад Мици ја презеле контролата врз неколку тајни компании на Панама непосредно по стапувањето на функцијата.

Галиција, една од најпознатите истражувачки новинари на Малта, беше убиена при експлозија на бомба непосредно откако го напушти својот дом на 16 октомври 2017 година.

Нејзиното убиство ја шокира Европа и го доведе во прашање владеењето на правото на малиот медитерански остров. Три лица ги очекува судење за поставувањето на бомбата, а полицијата на Малта продолжува со истрагата за нарачателите на убиството.