Се намалува поддршката за независна Каталонија

150

Поддршката за независност на Каталонија сѐ повеќе се намалува, покажуваат најновите анкети. Па, така, поддршката за независна Каталонија е намалена на 40,8 отсто. Колку за споредба, во октомври 2017 година дури 48,7 проценти од Каталонците ја поддржаа независноста на оваа шпанска покраина.

На прашањето каква организациска структура би требало да има Каталонија, 36,3 отсто од испитаниците изјавиле дека таа би требало да биде „автономна заедница“, како што е системот што сега е во сила, додека ваквата идеја лани во октомври ја поддржале 27,4 отсто од Каталонците. Истовремено, за независна држава се изјасниле 32,9 проценти од Каталонците, што е намалување во однос на 40,2 отсто од испитаниците што ја поддржале таа идеја во претходната анкета, пишува весникот „Ел паис“.

Најновата анкета покажува дека 21,9 отсто од испитаниците поддржуваат држава во рамките на федерална Шпанија, во споредба со 19,4 проценти лани во октомври.
Каталонија лани во октомври одржа референдум за независност. Потоа, каталонскиот парламент на 27 октомври прогласи независност, а шпанската влада ја распушти локалната власт и распиша предвремени регионални избори. На новите избори од 21 декември, партиите што се залагаат за независна Каталонија повторно освоија мнозинство од гласовите.