Се кршат копја околу спасувањето на „отпишаната“ заробеничка на ИД

99

Медицинската сестра од Нов Зеланд, која пред повеќе од пет години беше киднапирана во Сирија, се претпоставува дека сè уште е жива, соопшти Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ИЦРЦ), откривајќи го нејзиниот идентитет за првпат, во обид да се обезбеди нејзино ослободување, пренесува „Гардијан“. 

Станува збор за Новозеланѓанката Луиза Акави (62) и уште двајца нејзини колеги од Сирија, кои се заложници на Исламската држава (ИД) подолго од кој било други лица во 156-годишната историја на меѓународната организација.

ИЦРЦ, како што велат, не добиле дополнителни информации за локацијата на Ала Раџаб и Набил Бакдунес кои беа киднапирани заедно со Акави, но продолжија да примаат повремени информации за медицинската сестра од Нов Зеланд.

Со падот на последното упориште на ИД во регионот се зголеми ризикот за губење на трагата на Луиза Акави, но од друга страна, повторно се зголемија надежите дека ќе се појават информации во јавноста за трите киднапирани лица.

– Јавно зборуваме за киднапирањето за да се препознаат маките и страдањата на Луиза, Ала и Набил и за да повикаме за соопштување на какви било информации за нивната локација и состојба – рече Доминик Стилхарт, оперативниот директор на ИЦРЦ.

Од друга страна, премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн, ја доведе во прашање одлуката на Црвениот крст за откривање на идентитетот на Акава, сметајќи дека на тој начин се загрозува нејзиниот живот. Владата на Нов Зеланд, претпочитала случајот да остане надвор од фокусот на јавноста.

Според Стилхарт, Акави за последен пат била забележата на крајот на 2018 година во близина на реката Еуфрат на сириско-ирачката граница.

Служејќи на својата 17-та мисија за Црвениот крст, искусната медицинската сестра Акави беше киднапирана заедно со шест нејзини колеги на 13 октомври 2013 година, патувајќи со медицинскиот конвој кон градот Идлиб. Четворица од киднапираните беа ослободени следниот ден.

Новозеланѓанката во својата 30-годишна кариера во Црвениот крст работела во најразлични опасни конфликтни зони на светот, вклучувајќи ги мисиите во Малезија, Виетнам, Сомалија, Босна, Авганистан, Соломонските острови, Шри Ланка, Етиопија, Ирак и Сирија.