Сенатор во Хаити пукаше на протест пред парламентот и рани две лица

150

Сенатор од Хаити отворил оган на протест пред зградата на парламентот во главниот град Порт-о-Пренс и ранил две лица, меѓу кои и фоторепортер на агенцијата Асошиејтед прес.

Сенаторот Жан Мари Ралф Фетиере почнал да пука кога излегол од возило, откако го опколиле новинари и демонстранти. Инцидентот се случил пред парламентот.

Сенаторот по пукањето влегол во возилото со кое дошол и избегал. Подоцна, за локална радио станица изјавил дека пукал затоа што стравувал за својот живот.

– Тоа беше самоодбрана, затоа што вооружени лица се обидоа да ме нападнат. Се обидоа да ме извлечат од моето возило и морав да се одбранам – рекол тој.

Фоторепортерот на АП бил погоден во вилицата. Повреден бил и еден припадник на обезбедувањето.