Селфи-кампањата на Ворен ги притисна ривалите

67

По повеќе од шест недели од почетокот на нејзината претседателска кампања и 105 митинзи во различни градски Собранија во САД, сенаторката од сојузната држава Масачусетс, Елизабет Ворен, стана една од водечките кандидати кај демократите за нов претседател на САД, јавува „Гардијан“. Големиот интерес за нејзините јавни настапи беше проследен и со интересниот факт дека таа направила дури 35 илјади селфи-фотографии со поддржувачите.

Според пишувањата на медиумите, Ворен сè почесто се спомнува како прв избор на американската левица за номинација и многумина ја сметаат за вистинската кандидатка која достоинствено би му се спротиставила на претседателот Доналд Трамп на следните избори во 2020 година.

Зголемувањето на популарноста на Ворен во дел се должи на нејзините либерални ставови и политики за воспоставување на универзална здравствена грижа за децата, укинување на студентските долгови, почеток на борбата со големите технолошки компании и зголемување на пристапноста за гласање.

– Поради фактот што таа нуди јасна и детална визија за нејзиниот претседателски мандат, Ворен ги принуди другите кандидати напорно да работат за да ја достигнат нејзината предност – анализираат од „Гардијан“.

Најновата анкета по првата внатрепартиска дебата кај демократите покажа дека професорката на правниот факултет на Харвард заедно со сенаторката од Калифорнија, Камала Харис, започнуваат да се доближуваат до фаворитите Џо Бајден и Берни Сандерс. Таа досега беше треторангирана на трите национални анкети за демократските кандидати.