Секулоски: Акцијата за спасување во Тајланд е ризична и за најискусните нуркачи

2135
Милутин Секулоски

Акцијата за спасување на дванаесетте деца и нивниот фудбалски тренер од пештерата во Тајланд, се изведува во тешки услови и носи огромен ризик, дури и за најискусните нуркачи, па секоја одлука треба добро да се размисли, смета меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски од нуркачкиот центар Амфора. 

Бидејќи сте нуркач со највисок ранг во Македонија и пошироко, а сте специјализрале на тема „стрес и спасување“, можете ли да ни кажете што е прво што треба да го направат нуркачите-спасители, кога ќе дојдат до местото на спасувачката мисија, во конкретниот случај каде што се децата со нивниот тренер?

– Замислете ги заробените деца во пештерата, гладни, под голем стрес за својата судбина и обесхрабрени, гледаат светло, а после тоа излегуваат нуркачи од вода. Бескрајна радост и чувство кое не може да се опише. Но, во тие моменти треба да им се даде голема морална поддршка и охрабрување. Секако, зборуваме за психолошки момент во кој како лидер треба да биде вклучен човек кој е стручен и кој ќе може да им ја објасни ситуацијата. Секако дека информациите мора да ги спушти на ниво на деца и да не се влегува до најситни детали кои ќе делуваат збунувачки. Станува збор за доста комплицирана ситуација, затоа што не може веднаш да се пристапи со акција за спасување. Основно е дека е воспоставен контакт и дека децата се живи. Од самиот момент на пронаоѓање се организираат активности како што се дотур на храна, вода, лекарства, по можност светло, облека, воспоставување на комуникација – вели Секулоски.

Можат ли децата да се обучат за толку кратко време, бидејќи се непливачи и сигурно не се нуркачи, за пренуркување на т.н. сифон, односно поплавениот дел на пештерата кој води кон излезот? Какви опасности ги демнат децата при евентуално првото зануркување, ако се решат спасувачите за таквиот начин на спасување, со оглед на тоа дека водата е матна, валкана и дека треба да нуркаат во сифон?

– Стандардната обука во рекреативно нуркање би поминала, но децата се наоѓаат во невидено комплицирана ситуација. Тие треба да поминат голема оддалеченост под вода во тешки и специфични услови. Во вакви специфични и тешки амбиентални услови постои зголемен ризик и за професионални, искусни нуркачи, кои имаат и по неколку стотици нуркања. Самиот подводен амбиент и влегувањето под вода првпат е стресна ситуација, дури и во услови кога нуркањето се изведува во идеални услови како што се топла вода, одлична видливост и отворен простор. Во оваа ситуација постои огромен ризик – објаснува меѓународниот нуркачки инструктор.

Кои се, според процедурата, мерките и активностите на спасувачкиот нуркачки тим за веројатноста на успехот да биде нејголема?

– Станува збор за одлука за која треба добро да се размисли. Дали да се создадат услови за децата да останат неколку месеци во пештерата, односно да се создадат нормални услови за живот, само ако премногу не се зголеми водостојот, или пак, децата да се обучат да нуркаат – истакна Секулоски.

За 12 деца и тренер, колкава екипа би требало да учествува во акцијата за спасување, за да ги извлече во најкус можен рок?

– Не можам произволно да одредам колку луѓе би учествувале во акцијата, затоа што треба да имаме детални податоци, буквално за се, и неблагодарно е да се лицитира со бројки, ако не сте на самото место и ако не го познавате теренот. Бројот на вклучени најдобри и најискусни професионалци зависи од разработен план во кој ќе бидат опфатени координатор со акцијата на стручните тимови, материјално-технички средства и опрема, медицински екипи и секако психолози. Во секој случај, брза, прецизна и однапред подготвена акција (токму за вакви ситуации постојат разработени сценарија), од страна на добро обучен и искусен нуркачки и спасувачки тим, дава многу поголема веројатност за успешно изведена акција на спасување. Искрено многу сакам мисијата на спасување да има среќен крај. Се надевам дека моите колеги успешно ќе ја завршат мисијата, а воедно и потсетувам на две клучни работи поврзани со случајот, а се однесуваат на сите нас. Прво, кај нас и секаде во светот, граѓаните треба да имаат во предвид дека никогаш и никаде на непознат терен да не одат без добро обучени и лиценцирани водичи и инструктори, и секако по можност во придружба на локален водич кој најдобро ја познава околината. И второ, потребата од извонредно обучени спасувачки екипи за брза и професионална реакција се неопходни на секоја држава. Дај боже тие никогаш да не бидат ставени во функција на некоја реален настан или инцидент, но тогаш кога ќе треба, токму тогаш да ја завршат својата задача на радост и задоволство на сите – порачува Секулоски.

Во тек е акција за спасување на децата на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер, кои се заробени во пештерата Там Луанг во Тајланд од 23 јуни. М.Ж.