Северна Кореја го измени уставот и ја зајакна позицијата на Ким Јонг-ун

150

Севернокорејскиот парламент ги одобри измените во уставот што дополнително ќе ја зајакнат позицијата на претседателот Ким Јонг-ун, пренесува севернокорејската агенција КЦНА.

Ким беше официјално прогласен за шеф на државата и главен командант на вооружените сили со новиот устав во јули, што некои аналитичари го толкуваа како чекор кон можен мировен договор со САД.

– Правниот статус на Ким дополнително е консолидиран за цврсто обезбедување на монолитното раководство на врховниот лидер во сите државни прашања – рече претседателот на парламентот на Северна Кореја, Чои Рионг Хае.

Според новиот устав, Ким е претседател на Комисијата за државни работи (САК), врховен управен орган основан во 2016 година, врховен претставник на целиот корејски народ, што значи претседател на државата, како и врховен воен командант.

Според претходниот устав тој беше само врховен водач кој командуваше со целата вооружена сила.

Измените на уставот потврдуваат дека севернокорејскиот правен систем сега ќе го признае Ким за шеф на државата.

Новиот устав му овозможува да носи закони и важни уредби и одлуки и да назначува или отповикува дипломатски претставници во странски земји, пренесува КЦНА.

– Тој стана де факто шеф на државата – вели Чеонг Сеонг-Чанг, научник од Институтот Сеон.

Аналитичарката Рејчел Минјунг Ли вели дека со дополнителното зајакнување на авторитетот, Ким Јонг-ун станал најмоќниот лидер во историјата на Северна Кореја.