Светот станува зовриен лонец

156

Големи протести се одржуваат насекаде во светот, од Боливија, преку Ирак, до Хонгконг. Тие имаат свои локални причини, но имаат и сличности, кои произлегуваат од нееднаквоста, распространетата корупција и бавниот економски пораст
Во истражувањето на платформата „Отворена демократија“ се посочува дека феноменот на протести низ светот се должи на практикување на политиката како од времето на Студената војна, со која некои политичари се подготвени да ја задржат власта по секоја цена, на штета на измореното од политика поделено и трауматизирано население

Од Хаити, Чиле и Еквадор, преку Либан, Каталонија, Хонгконг, Ирак и Алжир, па до балканските држави се локациите во светот, во кој протести се случуваат редовно на неделна основа. Токму овој општествен феномен е анализиран од страна на медиумската платформа „Отворена демократија“, која тврди дека постои заедничка нишка на сите демонстрации што се водат против тоталитарните лидери на државите.
Игор Штикс, истражувачот на организацијата и автор на анализата, во својот осврт на случувањата тврди дека демонстрациите се алатка за симнување од власт на оние лидери што ги злоупотребуваат своите привилегии и владеат со државите користeјќи ги поделбите во општеството.
Тој како типичен пример за држава каде што во светот владее ваквиот режим ја посочува Босна и Херцеговина, за која истакнува дека никој таму не е среќен, но истовремено и никој не сака да се врати на насилствата од минатото, а сето тоа е идеално тло за етнонационалистичките политичари, кои повремено прокламираат политички дејствувања против другите етникуми во земјата.

– Ова е т.н. дејствување на политичарите како од времето на Студената војна, со која тие се подготвени да ја задржат власта по секоја цена, на штета на измореното од политика поделено и трауматизирано население – пишува авторот.
Од друга страна, во сите држави од овој профил, социјалниот мир е изграден врз постконфликтни општества, што значи дека граѓаните во нив со генерации се навикнати да толерираат многу криминали што минуваат неказниво.
Токму затоа, во анализата се додава дека не е за изненадување фактот што во овие земји протестите и немирите толку често еруптираат.

Во анализата се наведува и дека најчесто овие протести се без лидери и се одржуваат без претходно планирање. На некои од нив има досетливи пароли поврзани со хумор и сатира, кои се насочени за поддршка на борбата против корупцијата и потребата од социјална правда во земјата. Па, токму затоа овие случувања во себе секогаш содржат искра што во секој момент многу бргу може да прерасне во хаос.
Од друга страна, токму сегментите од протестите на Балканот во Босна може да се препознаат и во дел од случувањата што се актуелни во Либан (Бејрут) и во Чиле (Сантијаго).

Анализата прогнозира дека овој рецепт на општествени немири во иднина ќе се користи уште многу долго во светот, а тој како процес често ќе се повторува.
На слична тема, пак, српски медиуми пишуваат дека протестите што се случувале во Венецуела по многу нешта потсетуваат на слични настани што во минатото се одржале во Србија, што најверојатно се должи на фактот дека зад демонстрациите во оваа далечна држава стојат балкански организатори.

Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, коментирајќи ги овие случувања, констатира дека тезите на оваа тема не се новост, бидејќи живееме во период на глобализација, која придонесува настаните од далечните точки на светот, доколку постојат услови за тоа, бргу да се пресликаат и во нашето општество и обратно.
– Организирањето на протестите и демонстрациите е и своевиден бизнис, кој е активен и функционира во рамките на геополитичкото дејствување на одредени суперсили во сите краишта на светот. Па, токму поради тоа ние можеме да препознаеме одредени настани што сега се актуелни во светот, а во не многу далечното минато биле дел од домашното секојдневие – вели Стефаноски.

[email protected]