Светлана Тихановскаја растргната помеѓу борбата за промени и безбедноста на семејството

119

Светлана Тихановскаја, претседателската кандидатка на оспоруваните белоруски избори, ја напушти државата по заканата упатена кон нејзините деца, пишува „Гардијан“.

Во објавената видео-снимка се забележува видно вознемирената Тихановскаја која напомена дека се соочила со ултиматум во врска со нејзиното семејство и била принудена да избега во соседна Литванија.

– Господ да не чуе, вие да се соочите со изборот со кој јас се соочив. Децата се најважното нешто во нашите животи. Ниту еден живот не претставува добра цена – вели Тихановскаја.

Околностите поврзани со заминувањето на Тихановскаја сугерираат дека се зголемува притисокот на власта врз неа, во обидот за згаснување на најголемите протести во текот на 26-годишното владеење на Александар Лукашенко.

Литванскиот министер за надворешни работи Линас Линкевичиус во изјава за „Гардијан“, кажа дека Тихановскаја била задржана од белоруските власти седум часа откако поднела жалба за местење на изборите, како и дека вчера ја преминала границата со Литванија.

Пред да ја напушти Белорусија, се чинеше дека Тихановскаја беше принудена да прочита изјава пред камерите во кои ги повикува нејзините поддржувачи да не одат на протестите.

Кандидатката на опозицијата ги испрати децата надвор од Белорусија за време на кампањата откако истакна дека имало закани. Нејзиниот сопруг, пак, е во притвор уште од мај.

– Ако властите ја затвореа Светлана или ја обвинеа, ова дополнително ќе ги разгореше протестите. Тие веројатно сакаат да ја натераат Светлана да ја напушти државата за да покажат дека таа не е доволно силна и дека нема потенцијал да биде лидер – вели политичката аналитичарка Кацијарина Шмацина.

Член на изборниот штаб на Тихановскаја кажа дека таа била приморана од страна на власта да ја напушти државата во замена за ослободувањето на менаџерката на нејзината кампања Марија Мороз, со која заедно отидоа во Литванија.

Според изборната комисија Тихановскаја освоила 10,09 отсо од гласовите, а Лукашенко 80,08 отсто, што беше причина таа да поднесе жалба за изборните резулати, а ги поттикна и протестите.