Италија не знаеше што е страдање, не можевме да бидеме подготвени за коронавирусот

1066

Сведоштво од Милано

Не можевме да бидеме подготвени за ваквата ситуација бидејќи нашата држава во изминатите 70 години не се соочила со сериозна криза. Не знае што е страдање или што е војна. Сѐ беше ново. Населението првично ја третираше заразата како и секоја друга настинка, се додека не се зголеми бројот на заразени. Сега, сите заедно треба да работиме чекор по чекор за да дојдеме до решение за справување со кризата, вели воениот репортер од Милано Ливио Сенигалиеси (64), кој во разговор за „Нова Македонија“ ја опишува ситуацијата во Италија, додека неговата држава се обидува да го спречи ширењето на коронавирусот. 

Италија моментно е најголемо европско жариште на заразата, а властите синоќа прогласија карантин во целата земја, воведувајќи строги мерки до кои треба да се придржува населението од 60 милиони. Според последните податоци, во Италија имаше 9.172 заразени лица, додека 463 луѓе починаа од коронавирусот. 

– Ситуацијата е тажна. Тука има криза, а бројот на заболени се зголемува од ден на ден. Се обидуваме да живееме нормално, да ги следиме препораките и да не паничиме. Треба да имаме верба во нашите доктори и научници дека ќе изнајдат решение, иако не можеме да претпоставиме кога тоа ќе се случи. Моментно не можеме да контактираме со најблиските поради воведените мерки, но најважно е да се справиме со заразата, а ќе има време кога повторно ќе бидеме заедно – истакна Сенигалиеси.

Коронавирусот влијае во голема мера врз секојдневниот живот на луѓето кои се обидуваат да се прилагодат, но сите не ја сфаќаат подеднакво сериозноста на ситуацијата.

– Луѓето различно ја сфаќаат ситуацијата. Секој реагира поединечно. Некој живее во страв, а некој друг воопшто не се осврнува на кризата. Населението на северот ја сфаќа ситуацијата посериозно и е поинформирано, наспроти оние на југот затоа што таму нема толку голем број на заболени. Одржуваме контакти преку социјалните мрежи, децата на тој начин контактираат меѓусебе како и со наставниците додека училиштата се затворени, што помага. Но луѓето сакаат да излегуваат, сакаат да одат во ресторан на пица, сакаат спорт… Сакаат да живеат. Луѓето се движат, а со нив се движи и заразата. Мораме да најдеме нов начин на живот, да бидеме трпеливи и да се грижиме меѓусебно, бидејќи сите заедно сме во истиот брод – објаснува Сенигалиеси, кој додава оти неговото искуство како долгогодишен воен репортер му помага при новонастанатите околности во неговата држава.

Долгогодишниот воен репортер го сподели неговото искуство од теренот во книга

Сенигалиеси е задоволен од реакцијата на надлежните служби и на тамошните политичари, а како најголем проблем ја истакнува исполнетоста на болниците додека се згрижуваат заразените.

– Задоволен сум од начинот на кој реагираа властите и нашите политичари, задоволен сум од нивниот говор во оваа ситуација, како и од мерките што ги преземаа. Мораме да разбереме дека никој не можеше да биде подготвен за ваквата ситуација, а тоа важи и за нив. Најголем проблем е што нема доволно места во болниците кои се полни. Особено додека се носат заболени од најпогодените региони. Од друга страна имаме храна која се снабдува секојдневно и се делат намирници. Храната не е проблем – посочува Сенигалиеси.

Тој има порака за луѓето од Македонија.

– Ја сакам Македонија, каде што поминав одредено време. Ги сакам луѓето. Се надевам дека кај вас нема да завладее паника и дека ќе се справите со заразата. Сега можете да ги следите и примерите на Кина и на Италија со цел да најдете решение, што се надевам дека ќе се случи и кај нас и кај вас – заклучува Сенигалиеси.