Саудиска Арабија предупредува на катастрофа за глобалната економија

213

Саудискиот принц Мохамед бин Салман порача дека светот мора да реагира и да го запре Иран, бидејќи, во спротивно, можна е војна, која ќе го наруши снабдувањето со нафта, а цените на нафтата ќе скокнат на незамисливо високо ниво, какво што не е забележано досега

Саудискиот принц Мохамед бин Салман предупреди дека цената на нафтата може да достигне рекордно ниво доколку светот не преземе мерки за запирање на Иран. Бин Салман смета дека неактивноста само ќе го охрабри Техеран и ќе доведе до војна, која, пак, ќе ја уништи глобалната економија. Реакцијата на саудискиот престолонаследник следува во период на зголемени тензии во Персискиот Залив, особено по неодамнешните напади со дронови и проектили врз нафтените инсталации во Саудиска Арабија. Ријад го обвини Иран дека стои зад нападот, и покрај тоа што јеменските бунтовници Хути ја презедоа одговорноста за ракетирањето на најголемата саудиска рафинерија, што доведе до преполовување на производството на нафта во кралството, пренесува Би-би-си.

– Доколку светот не преземе силна и одлучна акција за спречување на Иран, ќе бидеме сведоци на дополнителни ескалации што ќе бидат закана за светските интереси. Снабдувањето со нафта ќе биде нарушено и цените на нафтата ќе скокнат на незамисливо високо ниво, какво што не сме виделе досега. Блискоисточниот регион опфаќа околу 30 отсто од светските енергетски резерви, околу 20 проценти од глобалниот трговски транспорт и четири отсто од светскиот БДП – порача Бин Салман во интервјуто за Си-би-ес њуз.

Според него, во прашање е доведена целата светска економија.
– Замислете овие три работи да запрат. Тоа ќе значи целосен колапс на глобалната економија, а не само на Саудиска Арабија или на блискоисточните земји – предупреди саудискиот принц.
Тој наведе дека за нападите е одговорна иранската „глупавост“, бидејќи немале стратегиска цел.
Саудиска Арабија тврди дека врз нафтените инсталации во Абкаик и Кураис биле истрелани вкупно 18 дрона и седум крстосувачки проектили. Проиранските бунтовници во Јемен, познати како Хути, неколкупати соопштија дека тие стојат зад нападите. Една недела по инцидентот, САД ветија дека ќе испратат дополнителни сили во Саудиска Арабија, за да помогнат во одбраната при евентуални нови напади.
Во интервјуто за американската телевизија, саудискиот принц го повика Иран да ја прекине поддршката за Хутите, порачувајќи дека така многу полесно ќе ѝ се стави крај на војната во земјата, која почна во 2015 година.
– Денес сме отворени за сите иницијативи за политичко решение во Јемен. Се надеваме дека тоа ќе се случи денес, а не подоцна. Примирјето што Хутите го прогласија пред неколку дена е позитивен чекор кон политичкиот дијалог – додаде Бин Салман.

Граѓанската војна во Јемен доведе до една од најголемите хуманитарни катастрофи во светот, при што дури 80 отсто од населението има потреба од хуманитарна помош и заштита. Според процените на Обединетите нации, над 70.000 лица ги загубиле животите поради конфликтот.
Од друга страна, официјален Техеран негира каква било вмешаност во нападите врз саудиските нафтени инсталации. Иранските власти во неколку наврати ги предупредија САД и регионалните сојузници дека во случај на напад врз земјата ќе следува жесток одговор, при што нема да бидат поштедени ниту американските цели во регионот.

Иран е најголемиот регионален ривал на Саудиска Арабија и противник на САД, кои по доаѓањето на власт на Доналд Трамп се повлекоа од договорот чија цел беше ограничување на иранската нуклеарна програма. Американско-иранските тензии значително се зголемија оваа година, при што Вашингтон го обвинува Иран за нападите врз шест танкери со нафта во Персискиот Залив во периодот помеѓу мај и јули. Исто како и во случајот со нападите врз саудиската рафинерија, Техеран жестоко ги отфрли овие обвинувања.