Саудиска Арабија осуди пет лица на смрт за убиството на Кашоги

27

Саудиска Арабија осуди на смртна казна пет лица поврзани со убиството на новинарот Џамал Кашоги. Уште други три лица се осудени на затворска казна од 24 години.

Познатиот новинар и колумнист на „Вашингтон пост“ беше убиен по влегувањето во саудискиот конзулат во Истанбул во 2018 година. Новинарот на возраст од 59-години го посетил конзулатот за да ги достави личните документи во пресрет на неговата свадба со свршеничката, Турчинката Хатиџе Ченгиз. Тој никогаш не го напуштил објектот, каде што се верува дека бил исечен на делови, иако остатоци од неговото тело засега не се пронајдени. На почетокот Саудијците тврдеа дека Кашоги излегол од конзулатот и дека тој бил убиен во борба со непријателски саудиски агенти, но на крајот саудискиот државен обвинител призна дека убиството на новинарот било однапред испланирано.

Кашоги беше чест и гласен критичар на саудискиот принц, поради што живееше во САД, стравувајќи за својот живот во Саудиска Арабија. Саудиска Арабија тврди дека принцот Мохамед бин Салман и кралот Салман не знаеле ништо за планираното убиство на Кашоги.