Салвини вети дека ќе се врати на власт и упати предупредувања до ЕУ

55

Матео Салвини, лидерот на италијанската десничарска партија Лига, вети дека ќе се врати на власт и ѝ порача на ЕУ дека неговите сонародници не се „ничии слуги“, пренесе „Индипендент“.

Пред десетици илјади поддржувачи на собирот во еден ломбардиски град, кој е дом на националистичките движења, порача дека „никогаш нема да се предаде“.

Нарекувајќи ја новата влада „предавничка“, ги убедуваше поддржувачите дека поразот нема да ја намали неговата решителност.

– За оние што мислеа дека ми треба пауза, ви давам чесен збор, дека ќе работам уште понапорно од претходно. Нема да се откажам, затоа што мојата држава заслужува сè најдобро – порача Салвини и апелираше до неговите поддржувачи да бидат трпеливи и умерени во нивниот политички дискурс.

Гласноговорниците пред него зборуваа за револуција и за отпор додека поддржувачите виореа регионални и партиски знамиња и скандираа „слобода“ и „избори“.

– Го сакам Салвини затоа што тој е единствениот што се противи на идејата за ЕУ, која не ја поддржувам, затоа што сметам дека европските бирократи само ѝ наштетуваат на Италија – изјави Лука Карминати, работник од Бергамо, чиј шеф се борел да го зачува малиот бизнис и покрај високите даноци и бирократијата.

И покрај политичките грешки на Салвини, според најновите анкети, неговата партија ја има најголемата поддршка од 34 отсто од народот, а 55 отсто од народот гледа со недоверба во новата коалиција.

Салвини се закани со референдум против доселувањето, но и за можни измени во изборниот законик со што би ѝ се отежнило на неговата партија да се врати на власт. Во секој случај, доколку Салвини се врати во иднина на власт, ќе му биде потребна поддршката на другите десничарски партии, но членовите на една од нив не беа многу наклонети на неговите идеи.