Салах Абдеслам осуден на 20 години затвор за оружен инцидент во Брисел во 2016 година

226

Затворска казна од 20 години пресуди денеска Судот во Брисел за Салах Абдеслам за терористички обид за убиство врз полицајци.

Абдеслам, единствениот преживеан од терористичките атентати во Париз на 13 ноември 2015, е осуден на 20 години затвор за престрелка со полиција во Брисел на 22 март 2016 година.

Абдеслам беше единствениот чиј експлозивен појас не се активираше за време на париските атентати. Веднаш по париските атентати тој успеа да побегне во Брисел каде со месеци се криел во повеќе станови низ градот. Абдеслам беше откриен од белгиската полиција кон средината на март 2016 година во стан во општината “Форе“ во Брисел. Кога се обиде да побегне почна престрелка во која еден полицаец е тешко повреден.

Една недела подоцна се случија бриселските напади на 22 март 2016 година.

Судот одлучи дека Абдеслам е виновен за обид за убиство врз полицајци во терористички контекст.

Одбраната на Салах Абдеслам бараше од судот да го отфрли „терористичкиот контекст“ од пресудата, што беше денеска одбиено.

Судот, повикувајќи се на писма испратени од Абдеслам до неговата мајка, во кои тој пишува дека му е верен на лидерот на Исламската држава, Абу Бакр Ал-Багдади и во кои наведува дека Алах го води во борба против „непријателите“ за да „престанат да бомбардираат“, оцени дека терористичката природа на обидот за убиство треба да биде задржана, како што бараше Обвинителството.

Понатаму Судот оцени дека Абдеслам, кој за време на судењето во февруари одлучи да молчи и да не одговара на прашањата на судот, и понатаму „претставува опасност“ за општеството и не покажува дека „ги мери своите акти“.

Абдеслам, кој е во притвор во Париз, на бриселското судење дојде само првиот ден од февруари. Тој тогаш одржа говор во кој порача дека има доверба само во „судот на Алах“. Тој не беше присутен ниту денеска во судницата кога се читаше пресудата.

Абдеслам треба во 2020 година да одговара и за самите терористички атентати во Париз.