САД со воодушевување ќе поддржат брегзит без договор

136

САД со воодушевување ќе поддржат брегзит без договор ако така одлучи британската влада, изјави американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон.

– Ако тоа е одлука на британската влада, ние со воодушевување ќе ја поддржиме – изјави вчера Болтон.

Тој ја започна дводневната посета на Лондон со средбата со британскиот премиер Борис Џонсон.

Џонсон сака повторно да преговара за условите на Брегзит со ЕУ пред крајниот рок на 31 октомври, но Унијата вели дека нема да биде изменет делот од договорот, за кој британскиот премиер смета дека е неопходно да претрпи измени, пренесе „Ројтерс“.

Болтон му рекол на Џонсон дека американскиот претседател Доналд Трамп сака да го види успешниот излез на Велика Британија од ЕУ на 31 октомври и дека Вашингтон ќе биде подготвен да работи брзо на американско-британски договор за слободна трговија.

Болтон изјави и дека Велика Британија и САД можат да преговараат во врска со трговскиот договор – сектор по сектор, а за подоцна да бидат оставени проблематичните области во трговските односи.

Болтон истакна дека крајната цел е сеопфатен трговски договор.