САД: Сојузни држави ја тужат администрацијата на Трамп

44

Против администрацијата на претседателот Доналд Трамп, тужба поднесоа 17 сојузни американски држави и дистриктот Колумбија, кои се обидуваат да ја запрат „суровата и незаконска“ политика на присилно раздвојување на имигрантските семејства, кои влегуваат од Мексико. 

Во тужбата поднесена вчера во американскиот окружен суд во Сиетл, американските сојузни држави го нарекоа указот, со кој се стопираше развојувањето на семејствaта, „илузија“.

Трамп на 20 јуни потпиша указ со кој на имигрантските семејства, кои илегално ја минале јужната граница на САД, им се овозможува да бидат заедно додека го чекаат исходот од имигрантската постапка.

Тој, меѓутоа, напомена дека ќе продолжи политиката „нулта толеранција“, која подразбира кривично гонење на сите возрасни лица, кои се фатени како нелегално ја минуваат границата.

Во тужбата се вели дека политиката на администрацијата на Трамп делумно е неуставна, бидејќи е „мотивирана од злонамерност и желба да се повредат“ имигрантите, кои доаѓаат од Јужна Америка.