САД се повлекуваат од клучните воени бази во Ирак

254

Одлуката на Вашингтон да ги повлече своите сили од три клучни бази во земјата е знак дека САД сакаат да го намалат военото присуство во момент на големи тензии со Ирак и со Иран, оценуваат западни експерти

ПО ЗАОСТРЕНИТЕ ОДНОСИ СО БАГДАД И СО ТЕХЕРАН

Американската армија во наредните недели ќе се повлече од три клучни воени бази во Ирак. Одлуката на Вашингтон да ги повлече силите од три од вкупно осумте свои бази во Ирак е знак дека САД се обидуваат значително да го намалат военото присуство во земјата во момент на зголемени тензии со ирачката влада во Багдад и со Иран, оценуваат западни безбедносни експерти.
Неделава ќе се одржи церемонија во базата „Ал Каим“, а САД официјално ќе ѝ предадат опрема на ирачката армија за јакнење на безбедноста во регионот. Со тоа се става крај на военото присуство на САД по должината на ирачката граница со Сирија. Базата е изградена во близината на мал град со исто име покрај реката Еуфрат, во област што прва падна во рацете на Исламска држава (ИД) во 2014 година и беше меѓу последните ослободени области во 2017 година. По победата против ИД, групи поддржани од Иран ја презедоа контролата врз областите околу базата од двете страни на ирачко-сириската граница.

Во 2017 година, ирачките сили, американските сили и силите поддржани од Иран војуваа против ИД. Тоа беше непријатна ситуација, но тие имаа заеднички непријател. Ирачката армија дејствуваше како посредник за соработка, честопати координирајќи ги паралелните операции против ИД. Но една година подоцна, условите драматично се променија. Групите поддржани од Иран станаа дел од ирачките сили и ја засилија својата моќ. Над базата „Ал Каим“ се вееше американското знаме, но надвор од неа се вееја знамињата на групите поддржани од Иран и се гледаа билборди од иранскиот врховен верски водач. Американските конвои мораа да минуваат низ контролни пунктови на групите поддржани од Иран, а тие сѐ погласно го искажуваа противењето на военото присуство на САД. Еден нивен водач неодамна им порача на Американците: „Ако не сакаат сами да си заминат, ќе мораме да ги натераме да го сторат тоа“.

Убиството на иранскиот командант Касем Сулејмани со американски дронови во јануари во Ирак уште повеќе ја заостри ситуацијата. По ликвидацијата, парламентот на Ирак гласаше за протерување на сите странски војски, а особено на американските. САД уверуваат дека уште лани планирале да си заминат од базите како „Ал Каим“ поради намалената закана од ИД, но признаваат оти една од причините е и присуството на групите блиски до Иран. Вашингтон планира да ги повлече своите сили и од базите во Кајара и во Киркук, кои во изминатите месеци беа цел на повеќе ракетни напади.

Над 160 проектили истрелани во најмалку 25 ракетни напади ги погодија американските бази во Ирак од октомври 2019 година. САД возвратија со напади врз позициите на вооружените групи, но во нив беа убиени и ирачки војници, што ги заостри односите меѓу САД и Ирак. Ирачката здружена оперативна команда, контролен центар за целата воена активност во Ирак, објави соопштение во кое ги осуди двете страни, но го поддржа гласањето во ирачкиот парламент со кое се бара од Американците да заминат од земјата.

Во моментот, бројот на американски сили во Ирак се проценува на 5.200, но нејасно е дали некои од нив ќе бидат прераспределени на други локации во земјата по затворањето на трите клучни бази. Нејасна е и иднината на преостанатите американски сили во Ирак. Како што посочува Би-би-си, додека САД сметаат дека нивната врска со ирачките сили е далеку од завршена, многумина во Ирак мислат дека Американците повеќе не се добредојдени.