САД повикаа земјите да не дозволуваат прелети на руски авиони кои одат кон Венецуела

225

Портпарол на американскиот Стејт департмент денеска и се заблагодари на Малта затоа што не даде дозвола руски авиони да го користат нејзиното воздушно пространство за прелет во Венецуела.

– Го поздравуваме решението на Владата на Малта да им забрани на руските авиони да го користат нивното воздушно пространство за снабдување на жестокиот поранешен режим на Венецуела – напиша на Твитер Морган Ортагус, портпарол во Стејт департментот.

Таа истакна дека „САД ги повикуваат сите земји да го следат примерот на Малта за запирање на поддршката што Кремљ ја дава на диктаторот Мадуро“.

Дека Малта не дозволува прелет на руски авиони со дестинација Венецуела, претходно потврди и Министерството за надворешни работи на Русија откако Москва на 4 април официјално побарала во амбасадата на Малта дозвола за прелет преку малтешкото воздушно пространство.

Како што е веќе познато, при крајот на март два руски авиони атерираа на аеродромот во Каракас со товар тежок 35 тона и 99 руски војници предводени од началникот на штабот на копнените сили Василиј Тонкошкуров.

Вашингтон и повеќе други западни престолнини изразија загриженост поради присуството на руски војници на територијата на Венецуела.