САД го добија новиот државен секретар

154

Ентони Блинкен стапи на функцијата државен секретар на САД. Тој вети дека ќе ги подобри односите со глобалните партнери и ќе му покаже на светот дека Соединетите Американски Држави може да играат водечка улога, истовремено решавајќи го проблемот со климатските промени, распадот на демократијата и други сложени прашања.

Мал број вработени, ограничен поради мерките против коронавирусот, го поздравија Блинкен со аплауз.

– Светот во моментот внимателно нè следи сакајќи да знае дали можеме да ја лекуваме нашата нација, дали можеме да водиме со пример и дали ќе можеме да се соочиме со големите предизвици на нашето време преку дипломатски односи со нашите сојузници и партнери – рече Блинкин.

Меѓу тие предизвици тој ги вклучи пандемијата на коронавирусот, климатските промени, глобалната економија, заканите за демократијата, борбата за расна еднаквост и правда и опасноста за безбедноста и глобалната стабилност што доаѓаат од противниците. Новиот државен секретар не одговори на прашањето на новинарите кој предизвик го смета за најприоритетен.

Блинкен рече дека Стејт департментот мора да работи на воспоставување обединет фронт со сојузниците за надминување на предизвиците.

Тој е дипломат со долгогодишно искуство, служеше како заменик-државен секретар за време на владеењето на Барак Обама.

Предлогот на Бајден за државен секретар да биде назначен Блинкен беше потврден вчера од Сенатот со 78 гласа „за“ и 22 „против“.