САД го губат чекорот во обидот за наоѓање замена за кинеските ретки минерали

387

Покрај новите закони, Вашингтон нема да обезбедува клучни минерали потребни за одбраната, високата технологија и енергетскиот сектор

Автори: Кит Џонсон, Роби Грамер

Форин полиси

Зголемените тензии со Кина и трката за враќање во функција на синџирот на снабдување во периодот по пандемијата на ковид-19 им даде нов стимул на американските напори за да започнат „ренесанса“ со ретките руди, односно минералите кои се од клучно значење за високата технологија, чистата енергија, а особено за најсовремените американски одбранбени платформи.

Но нештата не функционираат најдобро и покрај низата нови закони и владини иницијативи чија цел беше да се обнови од корен синџирот на снабдување со ретки минерали во САД, кој по долги години зависност од Кина и други странски снабдувачи, треба да ја врати американската независност во тој важен сектор. Покрај новите закони, Вашингтон нема да обезбедува клучни минерали потребни за одбраната, високата технологија и енергетскиот сектор.

– Мислам дека конечно се крена свеста, но сè уште не ни е јасно што треба да правиме понатаму – изјави Дејвид Хамонд, експерт за ретки минерали во консултантска фирма од групацијата „Хамонд интернешенел“.

Проблемот е што покрај долги години на постојан пораст на напорите на администрацијата на Трамп, приватните и државните сектори на САД сè уште бараат начини како да ги поправат суштинските слабости во синџирот на снабдување во клучните минерали, а Америка сè уште е далеку од развивање на целосни капацитети за ископување, обработување и рафинирање на ретки минерали кои се потребни ако сака да не зависи од странските добавувачи.

Овој месец, тексашкиот републикански сенатор Тед Круз стана најновиот политичар кој воведе закони со цел да се ревитализира домашната индустрија на ретки минерали со тоа што понуди значително даночно олеснување на новите проекти и особено големи даночни иницијативи за крајните потрошувачи кои извезуваат готови производи од американските добавувачи. Други политичари, како сенаторката Лиза Мурковски од Алјаска, се залагаат за сопствени закони за да се поттикне индустријата на ретки минерали во САД.

Американското министерство за одбрана вложува средства за да се реши ова прашање со тоа што ретките минерали веќе три години се на приоритетната листа на набавки, а годинава се планира драстично да се зголемат тековните фондови на Пентагон за проекти со ретки минерали. Ова се случува откако администрацијата на Трамп гласно го најави потегот со извршната наредба од 2017 година за обезбедување на резерви на важни минерали упатена до министерството за трговија, чиј извештај од 2019 година предлага начини како тоа да се изведе.

– Време е за подготвување нови закони – порача еден од советниците на Круз, кој смета дека обновувањето на домашната побарувачка за готови производи од ретки минерали добро ќе се одрази во синџирот на снабдување и ќе ја ревитализира американската индустрија, која практично згасна по периодот кога беше во полн ек пред три децении.

Настојувањето за независност од Кина беше ставено на пауза со пандемијата на коронавирусот, а поагресивните политичари во Вашингтон испраќаат апели за поцврст пристап кон подемот на Пекинг како светски ривал. Сенаторот Џош Хаули, кој е републиканец од Минесота, се обрати пред Сенатот за да го критикува економскиот империјализам на Кина и побара САД да ја напуштат Светската трговска организација (СТО) и да создадат целосно нов светски поредок.

Други политичари и претставници на администрацијата на Трамп, почнувајќи од самиот претседател, исто така, сè повеќе се сомневаат во одржувањето на длабоката економска интеграција со Кина која ги одбележа последните две децении. Стекнувањето на независност во однос на ретките минерали постојано е на дневен ред во дебатите во американските одбранбени кругови од 2010 година, кога Кина, како водечки добавувач во светот, накратко го запре извозот на ретки минерали во текот на спорот со Јапонија. Ако е навистина итно градењето на американски синџир на снабдување, тоа не е за да се добијат материјали потребни за новата генерација на паметни телефони, мотори за електрични автомобили и или турбини за ветерници, иако за сите нив се потребни ретки минерали за изработка на високо-технолошки производи.

Во спротивно, најосновните оружја на Пентагон силно зависат од ретките минерали кои ја обезбедуваат нивната висока прецизност, како и материјалите чие производство сега генерално е во рацете на Кина. За секој борбен авион „ф-35“ се потребни над 400 килограми на ретки минерали, а за секоја нуклеарна подморница од класата „вирџинија“ потребни се речиси 4.200 килограми. За ракетите „томахавк“, системите за навигација и млазните мотори потребни се разни комбинации на легури и специјални производи кои користат 17 различни ретки елементи.

Ако политичарите, Пентагон и Белата куќа сега сериозно го сфатија предизвикот на ретките минерали, зошто се чини дека имаат постигнато мал напредок во решавањето на ова прашање? Дел од проблемот е што повеќето досегашни напори во приватниот сектор и оние со државна помош генерално се фокусираа на ископување на ретки руди во САД. Постојат нови рудници на ретки минерали во разни фази од раниот развој во Алјаска, Вајоминг и Тексас покрај експанзијата која се случува во рудникот кај Маунтин Пас, Калифорнија.

Друг можен фактор е сознанието дека Кина не може засекогаш да доминира на пазарот за ретки минерали. Ова не е заради сите закони што Вашингтон ќе ги воведе за да го надмудри Пекинг, туку затоа што Кина презема чекори за ограничување на нејзиното екстремно брзо производство на минерали поради ископувањето на рудите што води до сериозни штети по животната средина.

– Кина во својата кампања за светска доминација драстично ги спушти цените на ретките минерали и прерасна во нето увозник на тешки, ретки руди. Ова навистина е пресврт – порача Кристофер Еклстоун, рударски стратег во лондонската финансиска советодавна фирма „Халгартен енд компани“.

Во едно истражување од 2019 година, „Халгартен“ прогнозираше дека Кина ќе експлоатира помалку од 50 отсто од светските ретки минерали во споредба со денешните 75 отсто до средината на 2020 година, бидејќи ги заостри ограничувањата на искористување на намалените ресурси.

Сепак главната пречка за САД, а особено секторот на одбраната, не е пристапот до ретки руди кои се достапни од други држави во светот, како наоѓалиштата во Виетнам, Бразил, Индија, Австралија, Канада и Гренланд, туку тоа што Кина доминира со остатокот од синџирот на вредности, како обработката на рудите и нивно претворање во метали кои потоа се дообработуваат во напредни производи како трајни магнети.

Некои од најновите иницијативи бараат да се решат токму овие слабости, иако мерките беа осудени на неуспех уште на почетокот. Досега сите чекори што се презедоа не успеаја во целост да го обноват синџирот на вредности од почетен до готов производ, што ќе биде потребно за да се обезбеди независност на САД од суштинските материјали.

За САД да можат да го обноват целосниот спектар на капацитети на ретки минерали, од ископување, обработка и добивање на готов производ, Хамонд и другите сметаат дека е време администрацијата на Трамп да ја пренасочи потребата за државен капитализам кон еден сектор кој би можел всушност да го користи. Тоа би значело заобиколување на ризичните пазарни економии на ретки руди и производството во целост, а би се формирал владин субјект што само ќе го обезбеди целиот процес во името на националната безбедност.

Превод: Билјана Здравковска