САД воведоа нови санкции за Куба

82

САД ги заострија санкциите кон Куба, додавајќи на списокот компанија која ги обработува странските дознаки за Кубанците, објави американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Кубанската компанија Американски меѓународни услуги (АИС) обработува парични дознаки од странство, а од денес на компаниите и физичките лица под јурисдикција на САД им е забрането да работат со таа компанија. АИС е контролирана од кубанската армија, потсетува ДПА.

Во 2017 година, Стејт департментот на САД објави ограничен список од 180 компании и други институции кои, според САД, им служат на кубанската војска, на разузнавачките служби и на безбедносните сили.

– Луѓето треба да можат да добиваат пари од своите семејства во странство и да бидат поштедени од обврската да ги полнат џебовите на нивните угнетувачи – рече американскиот државен секретар, коментирајќи го вклучувањето на АИС на списокот на санкционирани компании.

– Кубанскиот народ заслужува да живее во слобода и достоинство, тој заслужува право (слободно) да го избере своето раководство и да се грижи за своите семејства – продолжи Помпео.

Американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ја обнови политиката кон комунистичка Куба што ја водеше Вашингтон пред периодот на „омекнување“ на односите во времето на Барак Обама. Кабинетот на Трамп воведе низа санкции за да го зголеми притисокот врз малиот островски сосед и да го принуди да му ја одземе поддршката на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, кого Вашингтон сака да го смени.

САД исто така го ограничи патувањето на Куба и постави тримесечен лимит од 1.000 американски долари за американските граѓани кои финансиски ги помагаат членовите на нивните семејства во Куба.