САД бараат од сојузниците да платат повеќе за американската одбрана

124
Јужна Кореја издвојува речиси една милијарда долари за американските бази и сили во земјата, а САД наводно бараат пет милијарди долари

Администрацијата на Трамп веќе подолго време ги критикува сојузниците зашто не трошат доволно на одбрана. САД во моментот водат преговори со Јужна Кореја, а допрва треба да преговараат со Јапонија, Германија и со НАТО

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп сака земјите домаќини на бази и сили на САД да плаќаат многу повеќе за таа „привилегија“, односно сите трошоци, плус 50 отсто, според формулата што ја предлага Вашингтон. Најновиот сојузник што води маратонски преговори околу трошоците за распоредените американски сили е Јужна Кореја.
Претставници на Јужна Кореја и на САД вчера ги продолжија разговорите за да го намалат јазот од дури четири милијарди долари, колку што изнесува дополнителната сума што Вашингтон сака Сеул да ја плати за неговите сили. Барањето на Трамп Сеул да преземе поголем товар од трошоците за стационирањето на американските сили ја тестираше довербата на Јужна Кореја во безбедносниот сојуз со Вашингтон. Дополнително, извештаите дека администрацијата на Трамп бара Јужнокорејците да платат пет милијарди долари предизвикаа шок во Сеул, а повеќе групи протестираа обвинувајќи ги „алчните“ Американци за „грабеж“, јави Ројтерс.

Ејмс Дехарт, главниот американски преговарач, рече дека има уште многу работа за да се постигне договор, но нагласи дека е оптимист.
– Уверен сум дека ќе постигнеме договор што е заемно прифатлив и обете страни ќе можат да го поддржат и тој на крајот ќе го зајакне нашиот голем сојуз – изјави тој.
Секретарот за одбрана на САД Марк Еспер претходно по средбата со неговиот јужнокорејски колега изјави дека Јужна Кореја „е богата земја и може и треба да плати повеќе“.

Во согласност со актуелниот договор, Сеул плаќа 927 милиони долари за стационираните американски сили во државата, што е зголемување за околу 70 милиони во однос на претходниот договор. Јужнокорејците плаќаат 417 милиони долари за градежни трошоци за американските бази и 343 милиони договори за да ги покријат платите за јужнокорејските работници најмени од САД, додека 167 милиони долари се издвоени за услуги и материјали. Во сумата не се вклучени огромните површини земјиште што американските бази ги користат без надомест.
Американскиот институт „Като“ проценува дека годишно се потребни од 10.000 до 40.000 долари за распоредување на еден припадник на американската армија во Европа или во Азија. Врз основа на тоа, трошоците на Јужна Кореја да бидат домаќини на 28.500 американски воени лица би изнесувале 285 милиони до 1,14 милијарда долари.

На крајот од Корејската војна од 1950 до 1953 година, САД и Јужна Кореја потпишаа договор за меѓусебна одбрана, со кој двете држави се согласија за колективна самоодбрана ако бидат загрозени во регионот на Пацификот. Договорот беше основа за стационирање на силите на САД во Јужна Кореја, кои би требало да ја одвратат Северна Кореја од намерата да го нападне соседот.

Трамп веќе подолго време ги критикува сојузниците зашто, како што вели самиот, не придонесуваат доволно кон трошоците за одбраната. Се очекува наредната година САД да почнат одделни преговори за нови договори за споделување на трошоците во одбраната со Јапонија, Германија и со НАТО. Во обид да изврши притисок врз Јужна Кореја и да ги привлече Севернокорејците на преговори, Трамп најави можност за повлекување на американските сили од Корејскиот Полуостров, кој технички сѐ уште е во војна по прекинот на огнот на крајот од Корејската војна во 1953 година.

Министерството за одбрана на Јужна Кореја ги негираше наводите што се појавија на повеќе јужнокорејски јутјуб-канали дека американските сили ќе бидат повлечени или намалени. Во меѓувреме, американскиот секретар за одбрана ја потврди заложбата „за одржување на актуелното ниво на американски сили во Јужна Кореја и за подобрување на нивната борбена подготвеност“.