Руските бродови почнаа да ги следат пловилата на НАТО во Црното Море

112

Бродовите на руската Црноморска флота го следат британскиот разорувач и канадската фрегата што влегоа во водите на Црното Море синоќа, објави денес рускиот Центар за управување со националната одбрана, пренесува ТАСС.

– Силите и хардверот на Црноморската флота почнаа да ги следат активностите на разорувачот ХМС Данкан на британската кралска морнарица и фрегатата ХМЦС Торонто на канадските сили, кои влегоа во водите на Црното Море на 2 јули 2019 година – се вели во соопштението.

Малиот антиподморнички брод „Касимов“ и патролниот брод „Пајтливи“ ги следат пловилата на НАТО, објасни центарот, додавајќи дека авионите на воената морнарица и крајбрежните ракетни системи „Бал“ и „Бастион“ се активирани во одредени региони. Исто така се спроведува и електронско следење.

Во моментов бродовите на НАТО учествуваат во вежбите „Морски ветер 2019“ во Црното Море. Вежбите официјално почнаа на 1 јули во западниот дел на Црното Море.

Според прес-службата на Украинската амбасада во САД, годинава повеќе од 3.000 лица од 19 земји учествуваат во вежбите, вклучувајќи ги и оние од САД, Обединетото Кралство и Украина. САД играат клучна улога во подготвувањето на сценариото за вежбите и нивното извршување. Вежбите ќе траат до 12 јули.