Рускиот рулет на Емануел Макрон

357
Емануел Макрон (десно) и Владимир Путин

Францускиот лидер сака да оствари контакт со Москва за ЕУ да не зависи во толку голема мера од САД

Авторка: Рим Момтаз

Политико

Секогаш полн со самодоверба, Емануел Макрон мисли дека може да успее онаму каде што не можеа Ангела Меркел, Барак Обама и останатите, а тоа е да го привлечат Владимир Путин да стане безбедносен партнер на Европа.

Во водењето на политиките за придобивање на Москва, Макрон презема еден од најголемите геополитички предизвици со кои се соочуваат европските демократии, односно како да се справат со нивниот голем и нуклеарно вооружен сосед кој стана многу поагресивен во изминатите години, со војната во Украина, анексијата на Крим, обидот за атентат на противниците на европска територија и извршувањето на сајбер-напади на западни цели.

Пристапот на Макрон, кој тој постојано го бранеше во изминатите неколку недели, е дел од уште поголемата промена во саканите цели на претседателот, а тоа е намалувањето на зависноста на Европа од САД за таа да може стратегиски да биде поавтономна и сама да одлучува за својата безбедност.

За многу влади и експерти за Русија, политиката на Макрон е наивна и опасна и носи двојни ризици да го подели Западот, како и да го поттикне лошото однесување на Москва. Многумина стравуваат дека младиот француски претседател ќе биде надмудрен од страна на неговиот искусен руски колега кој е поранешен советски разузнавач и воедно на власт е веќе две децении.

– Наивна е идејата дека Путин ќе биде убеден со ваквиот дијалог. Мислам дека претседателот Макрон, кој иако е многу убедлив, ја преценува својата моќ на придобивање – вели Агнешка Холанд, полската режисерка што беше номинирана за „оскар“ и одрасна во советскиот комунизам, која беше гостинка на вечерата што ја организираше францускиот претседател за мала група на интелектуалци, при неговата посета на Варшава минатиот месец.

Во негов типичен стил, Макрон ги прифати критиките, но ја зајакна политиката. Тој постојано инсистира дека не е сентиментален кога станува збор за Русија и вели дека сака јасен и долгорочен проект за да се унапредат интересите на Европа.

– Главната цел на мојот пристап кон Русија е подобрувањето на условите на колективната безбедност и стабилност на Европа. Овој процес ќе трае повеќе години – порача францускиот претседател во говорот за одбранбена и нуклеарна политика, што го одржа минатата недела во Париз.

Француските власти тврдат дека причините за обидот за градење нови односи со Русија се очигледни. Сегашните сојузи и договори што ја чуваа безбедноста на Европа се под голем притисок. САД сега се сметаат за недоверливи партнери и помалку фокусирани на Европа. Почнаа да пропаѓаат договорите за вооружување од ерата на Студената војна, како што е договорот за нуклеарно оружје со среден дострел (ИНФ).
Макрон тврди дека Европа треба да се насочи на градење на нова безбедносна стратегија што значи поврзување со Русија. Тој исто така истакна, не премногу суптилно, дека Европа не треба да се потпира на Вашингтон, кој во суштина не ги зема в предвид интересите на континентот.

Во неговиот пристап кон Русија постојат два клучни елементи во методите на надворешна политика, а тоа се иницијативата Франција да биде во центарот на меѓународните односи и верувањето во неговата моќ да гради силни лични врски со неговите колеги.

Француските власти исто така тврдат дека политиката на Макрон, која тој ја водеше на почетокот на неговиот мандат пред речиси три години, е помалку контроверзна отколку што беше претставена. Но повеќето од европските партнери на Макрон сè уште се длабоко скептични, па дури и се сомневаат во напорите на Путин и на Макрон.

Превод: Билјана Здравковска