Русија ќе помогне во разговорите за приклучување на СДФ кон сириската армија

93

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Вершинин, изјави дека Русија е подготвена да помогне во разговорите меѓу Курдите и Дамаск за курдските единици на Сириските демократски сили (СДФ), кои ќе ѝ се приклучат на армијата на сириската влада, пренесува „Спутник“.

– Повеќе пати рековме дека го поддржуваме дијалогот меѓу курдските претставници и централните власти во Дамаск и ги сметаме Курдите за составен дел на сириското општество – рече Вершинин.

На прашањето дали е Русија подготвена да помогне во разговорите за курдските Единици за народна заштита од СДФ кои ќе се приклучат на сириската владина армија, Вершинин рече дека Москва е подготвена за ова од секој аспект.

Во исто време, руското Министерство за одбрана изјави дека со своите турски колеги ја почнале втората патрола во северозападна Сирија.

– На 5 ноември 2019 година втората заедничка патрола на руската воена полиција и турската гранична служба почна со работа во нов пограничен регион кој се наоѓа на неколку километри северно од Кобане. За прв пат ќе се одвива заедничка патрола по должина на новата рута – се вели во соопштението на руското министерство, прецизирајќи дека трасата ќе биде долга над 160 км.

Граничните патроли возат оклопни возила, а во операцијата се вклучени осум единици воена опрема и околу 50 војници.

Кон крајот на октомври, СДФ најави целосно повлекување на трупите од пограничното подрачје меѓу Сирија и Турција. СДФ истакна дека на сириско-турската граница ќе бидат распоредени граничарите на сириската влада.