Русија ќе му плати отштета од 3 милиони долари на „Гринпис“

150

„Гринпис“ од Русија ќе добие 3 милиони долари, како дел од спогодба меѓу Холандија и Москва, објави еколошката организација.

Ваквата спогодба би требало да стави крај на повеќегодишниот правен спор откако руските власти го запленија „Арктик санрајз“, брод на „Гринпис“, кој пловел под знамето на Холандија и уапсија 30 членови на екипажот, пренесе „Ројтерс“.

Руските агенти го зазеле „Арктик санрајз“ во меѓународни води по протести против нафтените платформи. Уапсените минале месеци по руските затвори, а беа ослободени непосредно пред Зимските олимписки игри во Сочи во 2014 година.

Холандското Министерство за надворешни работи во петокот објави дека е постигнато целосно и конечно решение, чии детали се доверливи.

Во јули 2017 година, Меѓународниот арбитражен суд им наложи на руските власти да платат повеќе од пет и пол милиони долари надомест за Холандија поради инцидентот во 2013 година, но Русија досега не ја признаваше одлуката на судот.