Русија се надева на постепено нормализирање на односите со САД по Хелсинки

223

Од кабинетот на рускиот претседател Владимир Путин велат дека тој се надева на постепено нормализирање на односите меѓу САД и Русија, по самитот во Хелсинки на кој Путин ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

Јури Ушаков, помошник на Путин, изјави дека односите меѓу САД и Русија се нарушени веќе подолго време, поради што не може да се очекува еднодневната средба во Хелсинки да ги реши сите проблеми. Но, во Кремљ се надеваат дека со средбата ќе почне затоплување на односите и постепено до практична соработка во области кои се од заеднички интерес на двете земји.

– Никогаш не се знае, но да видиме дали ќе се разговара за взаемни посети на Москва и Вашингтон, изјави Ушков, кој посочи дека паралелно со средбата Трамп – Путин ќе има средба и на двајцата министри за надворешни работи, Мајк Помпео и Сергеј Лавров.

Русија се подготвува за самитот како да се работи за главен политички настан во текот на летото, додаде Ушков, а темите на средбата ќе ги вклучуваат состојбите во Сирија и Украина, односите со Иран и гасоводот Северен Поток 2.