Русија најави одговор на грчкото протерување на дипломати

81

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека протерувањето на двајца руски дипломати од Грција нема добро да се одрази на односите меѓу Москва и Атина, јави руската новинска агенција ТАСС.

Захарова најави и дека Русија ќе одговори на грчкиот потег.

– Тргнуваме од фактот дека билатералните односи имаат сопствена вредност, тоа не се виртуелни односи туку за практична интеракција за доброто на двата народи, изјави Захарова.

Грција не се приклучи на координираната акција за протерување на руски дипломати по труењето на пребеганиот руски агент Сергеј Скрипал во Британија.

Протерувањето на двајцата руски дипломати од Грција е под образложение дека се мешале во грчките внатрешни работи, а според повеќе западни медиумски извештаи, тие поттикнувале протести против договорот меѓу премиерите Заев и Ципрас за спорот за името.

Од друга страна, портпаролката на американскиот Стејт Департмент Хедер Нојерт преку Твитер објави дека САД ја поздравуваат грчката одлука.

– Грција протера двајца руски претставници и им забрани влез на уште двајца поради мешање во грчката политика. Ја поддржуваме Грција во одбраната на нејзиниот суверенитет. Русија мора да престане со своето дестабилизирачко однесување, напиша Нојерт.