Социјалните мрежи ја компромитираат воената подготвеност на најмоќните

233

Истражувачите од Стратешкиот центар за комуникации на НАТО (Стратком) искористија податоци, главно од социјалните мрежи, за успешно да идентификуваат 150 војници, да лоцираат неколку баталјони и да го следат движењето на трупите. Згора, тие намамиле неколку војници да ги напуштат своите позиции и да се вклучат во „непосакувано“ однесување за време на воени вежби, докажувајќи колку е лесно за непријателите да ги злоупотребат податоците и информациите на НАТО кои се на Интернет, пренесуваат светските медиуми.

Стратешкиот центар во неговата акција ги користел Фејсбук, Инстаграм, Твитер и други популарни социјални мрежи за да дојде до вредни информации кои може да се злоупотребат. Засега, не е познато кои воени сили биле цел на оваа информативна демонстрација.

– Секое лице има слаба точка. За некого тоа се финансиските проблеми, за некого е романтичен состанок, а за некој е семејството. Поентата е дека многу лични работи се достапни на интернет – рече Јанис Сартс, директорот на програмата „Стратком“ на НАТО.

Во исто време, Русите се обидуваат подобро да ги контролираат своите трупи и нивното однесување на социјалните мрежи, па во таа насока руските пратеници одобрија нацрт-законот со која на воениот персонал му се забранува да користи паметни телефони кога е на должност. Целта е да се спречи појавување на чувствителни информации на социјалните мрежи.

Предлог-законот одобрен од Долниот дом вчера, исто така, им забранува на војниците да објавуваат фотографии, видеа и информации за себе, други војници и нивните роднини на Интернет. Само постарите телефони што немаат Интернет нема да бидат забранети.

Новото законодавство ги формализира ограничувањата за користење на паметни телефони и таблети претходно наредени од страна на Министерството за одбрана.

Овој потег уследи со цел да се заштитат руските тајни воени разузнавачки информации од странски разузнавачки служби.

Руските војници на најпопуларните социјални мрежи во Русија, ВКонтакте и Одноклассники, често објавуваат детали за тоа каде се испратени. Ова овозможи неколку руски операции да бидат откриени во источна Украина, за каде Москва тврдеше дека нема распоредени војници. П.С.