Роботите-убијци стануваат закана за светскиот мир

456

Голем број експерти денеска во Женева ќе разговараат за таканаречените роботи убијци, односно автономните футуристички оружени системи кои би можеле да завојуваат без интервенција од човекот.

За време на седумдневниот собир, втор од таков вид, во седиштето на Обединети нации во Женева ќе разговараат за можните начини за регулација на оружените системи.

Засега, целосно автономни и компјутерски контролирани оружени системи не постојат, а поединечни групи експерти оценуваат дека владите и армиите генерално треба да спречат развивање на таков вид оружје, бидејќи според нив постојат „ужасни“ сценарија за тоа што нивното постоење може да предизвика.

Организацијата за човекови права „Амнести интернешнел“ (АИ) денеска апелираше до сите земји да работат на забрана на такво оружје.

„Роботите убијци“ повеќе не се само научна фантастика, изјави истражувачот на вештачката интелигенција на АИ, Раша Абдул Рахим.

Претседавачот со собирот Амандип Гил изјави дека постојат три табори земји: eден кој сака формална и правна забрана на автономно оружје, друг кој се залагаат за политички, необврзувачки договор и трет кој не сака никакви промени.

Добитничката на Нобелова награда за мир 1997 година, Џоди Вилијамс инсистира на „разумна контрола од страна на човекот“ за употребата на автономните оружени системи.

– Постојат многу разлики помеѓу владите, до сега 26 (земји) побараа целосна забрана – посочи Вилијамс, која е домаќинка на собирот во Женева.

Собирот во Женева функционира по принцип на консензус, што значи дека само една земја може да го осуети планот за производство на таков вид оружје.