Ријад и Вашингтон повикаа на деескалација во Јемен

54

Саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман и американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска повикаа на деескалација на состојбата во Јемен.

Како што јави ДПА, принцот Мохамед и Помпео се согласија за потребата од „континуирана деескалација и почитување на договорите од Шведска“, посебно при спроведување на прекинот на огнот во градот Ходеида.

– Сеопфатно политичко решение е единствениот начин за ставење крај на конфликтот (во Јемен), наведува Американската амбасадата во Ријад во соопштението од средбата меѓу принцот Мохамед и Помпео.

Меѓународно признатата јеменска Влада, кој ја има поддршката на Саудиска Арабија и бунтовниците Хути, кои се поддржани од Иран, минатиот месец на мировните преговори под покровителство на ОН во Шведска, постигнаа договор за прекин на огнот во Ходеида, кое е едно од клучните пристаништа во Јемен. Од тогаш, двете страни меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјето.

Во соопштението на Амбасадата се посочува дека Помпео претходно се сретнал и со саудискиот крал Салман, со кого разговарал за состојбите во Јемен и Авганистан, како и за односите со Иран.

Пред пристигнувањето во Ријад, Помпео нагласи дека ќе побара од саудиските власти да ги казнат сите одговорни за убиството на новинарот Џамал Кашоги.

Посетата на Помпео на Саудиска Арабија е во рамки на неговата турнеја низ Блискиот Исток, во чии рамки претходно ги посети Катар, Бахреин, Јордан, Ирак и Египет, а од Ријад попладнево ќе отпатува за Оман. Цел на посетата на Помпео на Блискиот Исток е да ги увери американските сојузници во продолжување на поддршка од САД за регионот и покрај одлуката на Вашингтон за повлекување на своите сили од Сирија.