Ренесансата на Рогот на Африка отвори битка за превласт на светските сили

237
Илустрација: Фајненшл тајмс

Кина, САД, Турција и Саудиска Арабија се натпреваруваат за влијание наспроти ренесансата во регионот

За неколку недели етиопските инженери ќе ја почнат повеќегодишната задача за полнење со вода на „Браната на големата етиопска ренесанса“, која ќе ја претставува најголемата африканска хидроелектрана и најамбициозниот обид за користење на моќта на реката Нил. Се очекува проектот вреден 4,8 милијарди долари двојно да го зголеми капацитетот на Етиопија за создавање на електрична енергија, со што дополнително ќе ја поттикне најдинамичната економија во Субсахарска Африка, пишува „Фајненшл тајмс“.

Но, браната не само што создаде тензии со Египет, кој стравува од губењето контрола на водениот пат што ја обликува неговата судбина, туку таа привлече внимание и на регионот познат како Рогот на Африка, кој стана магнет за светските сили, вклучувајќи ги земјите од Персискиот Залив, Саудиска Арабија, Кина, Турција и САД. Тие донесоа инвестиции од милијарди долари во пристаништата, аеродромите, железницата, земјоделието и образованието. Но, тие ги пренесоа и сопствените ривалства на регионот кој и има и сопствени поделби.

Во изминатите 20 години економијата на Етиопија бележи годишен раст од речиси 10 проценти. Ова и пружи прилика на една од најсиромашните светски држави за значително подобрување на економската состојба до 2025 година, наспроти политичката нестабилност. Мегабраната на Синиот Нил, финансирана од т.н. патриотски обврзници, е моќен симбол на ренесансата на Етиопија.

Светските сили отсекогаш имале интерес за Рогот на Африка чија популација изнесува 110 милиони поради неговата близина со Црвеното Море, кое го контролира пристапот до Суецкиот канал. Во изминате години, заливските држави ги обновија меѓусебните врски. Кина инвестираше милијарди во Етиопија наспроти недостигот на ресурси, а отвори и воена база во соседниот Џибути. Кина финансираше и изградба на железница помеѓу Џибути и Етиопија.

Но политичките актери на Рогот никогаш не биле пасивни жртви на странското мешање. Наместо тоа, тие се обидувале да профитираат од странскиот интерес преку меѓусебни судири.

Џибути е доказ за ваквата практика. Таму се наоѓаат бази на САД, Јапонија, Франција и на Италија. Во 2018 година компанијата „Ди Пи Ворлд“ од Дубаи изгради пристаниште во Џибути за потоа да го приграби. Во меѓувреме за превласт на африканскиот брег на Црвеното Море се борат Турција, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Етиопија.

Згора, Етиопија помина низ „политички земјотрес“. По годините на немири, Абиј Ахмед стана премиер во 2018 година, ветувајќи демократија, поотворена економија и мир со Еритреја. Оттогаш САД видоа шанса да ја оттгрнат Адис Абеба од влијанието на Кина. Под притисок од Саудиска Арабија и Египет, Вашингтон исто така ја поттикнува Етиопија да потпише договор за заедничко користење на водата, за да ги смири стравувањата на Каиро поврзани со Синиот Нил. Но засега е извесно дека браната ќе се наполни со или без меѓународниот договор.