Во периодот од 1999 до 2016 година, бројот на самоубиства во САД е зголемен за 30 проценти, се наведува во извештајот на американскиот Центар за контрола и превенција на болести.

Според Центарот, само лани во САД самоубиство извршиле речиси 45.000 лица.

Во посочениот период од речиси 20 години, бројот на самоубиства бележи раст во 44 од вкупно 50-те американски сојузни држави.

– Самоубиствата се се поголем проблем за јавната здравствена заштита – се наведува во извештајот.

Според Центарот, во 2016 година самубиствата биле втора по бројност причина за смрт во САД.

Причините за самоубиствата се најразлични, како загуба на блиска личност, неверства, здравствени проблеми, проблеми на работното место, недостиг на пари, судски спорови или загуба на местото на живеење, но во дури 54 отсто случаи самоубијците немале познати и видливи психички проблеми – се нагласува во документот.

Огромен процент од самоубијците се мажи, дури 76,8 отсто и белци – 83,6 проценти, а дури 20 отсто од лицата повозрасни од 18 години што извршиле самоубиство се активни или поранешни војници. Самубиствата најчесто, во 48,5 отсто од случаите, биле извршени со огнено оружје.