Раперот Канје Вест најави дека влегува во претседателската трка, доби поддршка од Илон Маск

188

Американскиот рапер Канје Вест во саботата на Твитер објави дека ќе се кандидира на претседателските избори во ноември и ќе го предизвика актуелниот претседател, републиканецот Доналд Трамп и неговиот политички ривал, демократот Џо Бајден.

– Сега мора да го исполниме ветувањето на Америка верувајќи во Бога, обединувајќи ја нашата визија, да ја изградиме иднината. Јас се кандидирам за претседател на Соединетите американски држави – објави Вест на Твитер со емотикон од американското знаме и назнака #2020визија.

Сè уште не е познато дали Вест, кој инаку се промовираше како поддржувач на Трамп, навистина има намера да се кандидира на четири месеци пред изборите закажани за 3 ноември и дали тој поднел официјално барање за да влезе во претседателската трка.

Во голем број држави, крајниот рок за додавање на независни кандидати на гласачките листи сè уште не е истечен.

Најновата објава на американскиот рапер предизвика лавина реакции кај неговите 29 милиони следбеници на Твитер.

Илон Маск, извршниот директор на „Тесла“, уште една славна личност позната по ексцентричните испади, ја поддржа најавата на раперот.

– Ја имаш мојата целосна поддршка – објави Маск на Твитер.