Ракување што го менува светот

335

Во декларацијата по историската средба во Сингапур, Доналд Трамп и Ким Јонг-ун се обврзуваат за нови односи помеѓу САД и Северна Кореја, денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, како и американски безбедносни гаранции за Пјонгјанг

Американскиот претседател Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, разговараа во Сингапур, каде што потпишаа заедничка декларација. Трамп е првиот актуелен американски претседател што се сретнал со севернокорејски лидер. Во декларацијата двајцата лидери се обврзуваат за нови односи помеѓу САД и Северна Кореја, денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, како и американски безбедносни гаранции за Пјонгјанг. Историскиот самит е во фокусот на светската јавност. Некои го сметаат неговиот исход за победа на Трамп, додека, пак, некои од набљудувачите оценуваат дека самата средба е голем триумф за Ким.
– Разговорите со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-Ун беа чесни, директни и продуктивни – порача Трамп по разговорите, кои кулминираа со потпишувањето на заедничката декларација.

Двајцата лидери се сретнаа и се ракуваа во луксузен хотел на сингапурскиот остров Сентоса пред да почнат со разговорите. Главна тема на разговорите беа намалувањето на тензиите и нуклеарното разоружување. По самитот, Трамп и Ким потпишаа заедничка декларација, ветувајќи нови односи помеѓу двете земји. Документот ја обврзува Северна Кореја да работи кон „целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“. Покрај тоа, со декларацијата се бара посветеност на изградба на стабилен и траен мир на Корејскиот Полуостров.
– Сметам дека двете страни ќе бидат многу импресионирани од резултатите – порача Трамп на церемонијата за потпишување на декларацијата со Ким.
Според Би-би-си, договорот помеѓу двете страни е нејасен и недостигаат детали. Тој само ги обврзува САД и Северна Кореја на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров. Не се споменува дали процесот треба да се верификува или дали е неповратен, нешто што на САД инсистираа. Покрај тоа, нема временска рамка за разоружување на Северна Кореја, ниту, пак, има покана за посета на инспектори за оружје.
САД порачаа дека ќе обезбедат безбедносни гаранции, без поточно да наведат што би значело тоа, а би можело да вклучува и повлекување на дел од американските сили распоредени во Јужна Кореја. Двете страни ветија одржување нови разговори и дека ќе работат на напорите за воспоставување траен мир. Тоа, пак, би можело да резултира со договор за ставање официјален крај на речиси 70-годишната војна на Корејскиот Полуостров.

Засега се очекува заслугите за секој позитивен исход од разговорите Трамп да ѝ ги припише на неговата кампања за „максимален притисок“ врз Северна Кореја, која ги заостри економските санкции и се закани со воена акција. Многумина веруваат дека без разлика на тоа што е постигнато, тоа ќе биде официјалната приказна.
Од друга страна, за Ким самото седнување на разговори со американскиот претседател е голема победа, нешто што ниту неговиот татко, ниту неговиот дедо не успеаја да го постигнат. Од перспектива на Северна Кореја, ваквата средба долго време се смета за награда, поради легитимитетот што ќе му го даде на нејзиниот лидер. Повеќе децении Северна Кореја беше сметана за земја-отпадник, а сега нејзиниот најнов наследен лидер е третиран како светски државник. Минатата година, според Би-би-си, беше вистинска реткост да се види севернокорејско знаме како се виори некаде во Азија. Сега, Ким, кој е на чело на тоталитарен режим со екстремна цензура и логори за принудна работа, се среќава и разговара со државни функционери.
Бившиот британски амбасадор во Северна Кореја, Џон Еверард, оценува дека Ким Јонг-ун излезе како голем победник од самитот, укажувајќи на ветувањето на Трамп за запирање на воените маневри со Јужна Кореја.

– Ким ќе го поздрави самитот како голем успех. Ким ќе тврди дека тој, неговиот интелект и дипломатско чувство го донесоа американскиот претседател на преговарачката маса. Тој, со право, ќе каже дека е првиот член на династијата што седнал со американски претседател и што еднакво бил третиран – истакнува Еверард.
Според него, сѐ што му беше потребно на севернокорејскиот лидер се фотографиите на кои се гледа како еднакво е третиран од претседателот на САД.
– Декларацијата сугерира дека тој не добил многу од самитот. Дури подоцна, во текот на прес-конференцијата на Трамп, разбравме дека САД ќе ги суспендираат заедничките воени вежби со Јужна Кореја, кои долго време се трн во окото на Севернокорејците. Значи уште една голема победа за Ким Јонг-ун – додава Еверард.
Од гледна точка на Вашингтон, бившиот амбасадор го отфрла договорот како „несмасен“.

– Сѐ што имаме е зборот на претседателот Трамп дека Ким Јонг-ун е сериозен и несмасната заедничка изјава, потпишана од двајцата, која навистина не ни кажува ништо многу – вели Еверард.
Тој додава дека посветеноста за денуклеаризација веќе беше договорена во април, на самитот помеѓу лидерите на Северна и Јужна Кореја.
– Но, запазете ги зборовите на декларацијата. Таа говори за „денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“, а не само за денуклеаризација на Северна Кореја. Според размислувањата на Севернокорејците, тоа не значи само Северна Кореја да го предаде своето нуклеарно оружје, туку и отстранување на можноста за нуклеарен напад против Северна Кореја од други земји, а посебно од САД. Затоа САД ќе мора да преземат големи и строги мерки за да ја ограничат својата можност за напад на Северна Кореја. Не сум сигурен дали и колку добро Трамп разбира што всушност потпишал – заклучува Еверард.

 

Што покажува говорот на телото на Трамп и на Ким?

Во првите моменти од почетокот на самитот во Сингапур, американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун се обидоа да се покажат како доминантни, но прикажаа анксиозност, оценува Ројтерс.
Па, така, во текот на 13 секунди, колку што траеше првото ракување на Трамп со Ким, американскиот претседател вообичаено се обиде да ја прикаже својата доминација, со тоа што прв ја испружи раката и го потапка по рамото севернокорејскиот лидер. Не сакајќи да заостане, Ким цврсто ја стегна раката на Трамп, гледајќи го право во очи додека се ракуваа, пред двајцата да се свртат кон медиумите.
– Тоа не беше обично ракување. Одеше горе-долу, беше нервозно, двајцата го повлекуваа кон себе другиот. Двајцата не му попуштаа на другиот да биде доминантен – оценува Ален Пис, австралиски експерт за говор на телото.
Проектирањето авторитет е лесно за Трамп, кој како глобален лидер, бизнисмен и бивша телевизиска личност, добро е извежбан за ефикасно користење на говорот на телото. Тој исто така има предност во однос на Ким кога станува збор за висината.


Крај за воените вежби помеѓу САД и Јужна Кореја

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека ќе ги прекине заедничките воени маневри помеѓу САД и Јужна Кореја. Образложувајќи ја ваквата одлука, Трамп истакна дека редовните воени вежби се скапи и провоцирачки.
– Веќе долго време организираме вежби, соработувајќи со Јужна Кореја. Ги нарекуваме воени вежби. Тие се многу скапи. Јужна Кореја придонесува, но не сто отсто. Воените вежби се многу скапи, ние плаќаме за поголемиот дел од нив.
Тоа е многу провоцирачка ситуација за Северна Кореја. Преговараме за многу сложен договор. Сметам дека е несоодветно да има воени маневри – порача Трамп.