Разорниот оган не успеа да ја прикрие причината за сибирските пожари

1348

Пожарите кои неколку дена беснеат во рускиот регион Јакутија полека се ставаат под контрола, а биле предизвикани намерно од дивосечачи кои се обиделе да прикријат нелегална сеча на шуми, според руските обвинители, пренесува „Москва тајмс“.

Рускиот претседател Владимир Путин ја ангажираше војската во помош на пожарникарите со цел да се смири пустошењето предизвикано од пожарите. Областа што гореше беше речиси со големина на Белгија, а многу села и градови беа обвиени со прекривка чад.

Министерството за вонредни состојби вчера извести дека речиси една четвртина од пожарите е изгасната, со што вонредната состојба во тие региони е укината.

Сепак, од организацијата „Гринпис“ тврдат дека пожарите не се ставени под контрола, а тое емитираат јаглерод диоксид, исто колку што испуштаа 36 милиони автомобили во текот на една година.

– Наместо пожарите да бидат веднаш ставени под контрола, тие беа игнорирани и прераснаа во голема еколошка катастрофа – вели активистот Антон Бенесклавски од „Гринпис“.

Според Руското обвинителство, пожарите се намерно предизвикани, со цел да се прикрие нелегалната сеча на дрвја во регион Јакутија.

Американскиот претседател Доналд Трамп му понуди помош на Путин во борбата против пожарите, за која неговиот колега изрази искрена благодарност, велејќи дека ќе ја прифатат доколку е потребно.

Шумските пожари во Русија опфатија површина повеќе од 2,7 милиони хектари, што претставува површина поголема за 12 отсто во однос на пожарите кои гореа минатата година.