Разгорувањето на протестите ја распали и контроверзната реторика на Болсонаро

80

Претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, кој стана познат како „бразилскиот Трамп“ поради екстремните сфаќања, нема намера да ја смени острата реторика. Тој ги нарече „корисни идиоти“ студентите кои протестираа против кратењето на буџетот за образование, пишува „Гардијан“.

Десетици илјади студенти и професори протестираа на територијата на Бразил против кратењето на буџетот за образованието, донесено од администрацијата на Жаир Болсонаро. Овој протест се смета за првиот масовен облик на незадоволство откако претседателот ја презеде функцијата во јануари.

Бразилската национална Унија на студенти повика на демонстрации откако Министерството за образование изјави дека ќе замрзне 30 отсто од дискреционите давачки како резултат на нестабилната фискална состојба на владата.

Протестот во Рио де Жанеиро станал насилен откако полицијата употребила солзавец и шок-бомби, а демонстрантите запалиле автобус.

„Владата создава стока. Државните универзитети создаваат наука“ пишувало на еден од транспарентите кој се однесувал на неодамнешно интервју на министерот за образование, Абрахам Ваинтрауб.

– На оние универзитетие кои наместо да се стремат да постигнат најдобро академско достигнување, создаваат стока, ќе им биде скратен буџетот за образование – изјавил тој.

Жаир Болсонаро

Болсонаро ја засноваше и претседателската кампања врз острите ставови за осетливи прашања, со што неговата реторика го привлече вниманието на светската јавност и предизвика осуда. Тој стекна популарност со ветувањата оти ќе ги затвори корумпираните политичари, односно дека ќе и овозможи на полицијата овластувања за да може да ги застрела дилерите на дрога. Но, многумина Бразилци се згрозени од неговите навредливи изјави насочени кон жените, мигрантите, хомосексуалците и црномурестите луѓе.

„Тие не прават ништо. Тие не се добри ниту за размножување“ кажа Болсонаро за населбата основана од потомците на робовите. Тој ги нарече црните активисти „животни“, порачувајќи им да „се вратат во Зоолошка градина“.

Болсонаро во расправија со конгресменката Мариа до Росарио во 2014 година, и кажа дека „не би ја силувал, бидејќи таа не го заслужува тоа“. Болсонаро подоцна појасни оти не би ја силувал политичката противничка бидејќи е „грда“ и „не е негов тип“.

Во интервју за магазинот „Плејбој“ во 2011 година, сегашниот бразилски претседател објасни дека не би можел да го сака синот доколку е хомосексуалец, изјавувајќи „би претпочитал синот да загине во несреќа, отколку да се појави заедно со човек со мустаќи“.

Болсонаро се изјасни и во полза на воената диктатура која беше на власт во Бразил во периодот помеѓу 1964 и 1985 година. 

– Диктатурата направи грешка бидејќи мачеше, но не убиваше – кажа Болсонаро во радио-интервју во 2016 година.

Болсонаро беше уапсен додека бил армиски капетан во 1986 година, поради јавно изразување на поддршка за новинарски напис што ги критикува платите во војската. Тој потоа ја напуштил армијата за да влезе во политиката, по што доби место во бразилскиот конгрес во 1990 година. С.К.