Пјонгјанг го зголемува притисокот пред продолжувањето на преговорите

27

Северна Кореја потврди дека успешно тестирала нов вид балистичка ракета, лансирана од подморница. Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун им честиташе на оние што успешно го извршиле тестирањето на новата ракета, позната како „пукгуксонг-3“.

Лансирањето е извршено непосредно откако беше соопштено дека Северна Кореја ќе ги продолжи разговорите со САД за запирање на својата нуклеарна програма.
Во соопштението на севернокорејските власти се наведува дека тестирањето нова балистичка ракета од подморницата има цел да ги одврати надворешните закани и да ја зајакне самоодбраната на земјата. Соопштението следува само неколку часа откако Пјонгјанг потврди дека е подготвен да ги продолжи разговорите за разоружување со САД, кои, според најавите, треба утре да се одржат на ниво на експерти.

Најновото лансирање наиде на критики од САД, Јужна Кореја и од Јапонија. Американскиот Стејт департмент го повика Пјонгјанг да се воздржи од понатамошни провокации и да остане посветен на преговорите за денуклеаризација. Истовремено, официјален Сеул изрази длабока загриженост, додека, пак, јапонскиот премиер Шинзо Абе порача дека најновото тестирање ракета претставува кршење на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Експертите оценуваат дека краткото временско растојание помеѓу лансирањето и најавата за продолжување на преговорите е намерно.
– Северна Кореја сака јасно да ја покаже својата преговарачка позиција уште пред да почнат разговорите. По сѐ изгледа Пјонгјанг се обидува да го притисне Вашингтон да се повлече од претходните барања за целосна денуклеаризација, во замена за ветувањата за олеснување на санкциите – истакнува Хери Казианис од вашингтонскиот Центар за национални интереси.