Путин тајно испратил писма до земји-членки на НАТО?

615

Рускиот претседател Владимир Путин испратил писмо до престолнините на повеќе земји, вклучително и до членки на НАТО, предлагајќи мораториум на распоредувањето ракети со среден и краток дострел.

Како што пишува „Комерсант“, повикувајќи се на извор запознаен со содржината на документот, тоа писмо наводно е испратено уште на 19 септември, пренесува „Спутник“.

Се наведува дека писмото исто така го примила шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Комерсант“ пишува дека Москва веќе предлагала слични договори со државите од алијансата, но дека тогаш тие не покажале интерес.

„Ве повикуваме да ги поддржите нашите напори за залагање во корист на прогласување мораториум на распоредувањето ракети од среден и краток дострел со копнено базирање во рамки на НАТО, слично на она кое го најави Русија“, пишува во писмото.

Од писмото на Путин се гледа дека и без договор за ликвидација на ракетите, Русија е подготвена да се договори со земјите од НАТО за некои мерки на верификација, пренесува весникот.

Договорот за ракетите за среден и краток дострел е потпишан на 8 декември 1987 година, за време на посетата на советскиот лидер Михаил Горбачов на Вашингтон.